Научниците во Англија открија два нови вида диносауруси што, најверојатно, живееле на југот на Англија пред 125 милиони години, објави Би-би-си. Ова откритие на експертите им дава поинаков и подобар увид во животот на овие предатори. Палеонтолозите го опишале едниот диносаурус како „чапја од пеколот“, споредувајќи го неговиот стил на ловење со застрашувачка верзија на оваа птица. Остатоците од овој диносаурус, кој имал три прсти, беа пронајдени на плажата на островот Вајт. Тој припаѓал на групата спиносауриди и се верува дека бил долг девет метри и дека само черепот му бил со големина од еден метар.
Ископувањето на колекцијата од приближно 50 коски траело неколку години. Првиот пронајде примерок, со латински назив „Ceratosuchops inferodios“ – се нарекува „пеколна чапја со роговиден крокодилски лик“.
Заедно со кратките рогови и испакнатините во областа на веѓите, името се однесува и на стилот на лов на овој предатор, кој наликувал на чапја.
Вториот примерок има латински назив „Riparovenator milnerae“ што значи „Милнер ловец на брегот на реката“. Именуван е во чест на неодамна починатиот британски палеонтолог Ангела Милнер.
Ископувачите на фосилите прво пронашле делови од два черепа, а потоа тим од Островскиот музеј на диносаурусите открил голем дел од остатокот од опашка. Претходно, скелетот на спиносаурид, кој припаѓал на видот баринокс, бил откриен во 1983 година во каменолом во англиската област Сара. Оттогаш истражувачите откриле само остатоци од одделни коски и заби.
Крис Баркер, авторот на истражувањето од Универзитетот во Саутемптон, изјавил дека черепите не само што се разликуваат од групата барионика туку се разликуваат и еден од друг.
– Ова откритие покажа дека разновидноста на спиносауридите во Велика Британија е поголема отколку што се мислеше – рече Бакер во написот што го пренесе Би-би-си.
Британскиот експерт за тероподи Дарен Неш изјави дека со децении е познато дека диносаурусите слични на барионската група чекаат да бидат откриени на островот Вајт.
– Пронаоѓањето на остатоците на овие две животни за толку краток временски период беше големо изненадување – рекол Неш.
Истражувањето сугерира дека постои можност спиносауридите прво да еволуирале во Европа, пред да се прошират во Азија, Африка и Јужна Америка.
Колекција од околу 50 коски ќе биде изложена во Островскиот музеј на диносаурусите во Сендаун. Кураторот Мартин Мант, пак, рекол дека наодите го зацементирале статусот на островот Вајт како едно од најдобрите места за истражување на диносаурусите во Европа.