Студијата заснована врз податоци на митохондриска ДНК од повеќе од 1.200 домородци од Јужна Африка, на овој регион му даде голема улога во раната историја на човештвото пред 200 илјади години
Пространото древно подрачје сместено во северна Боцвана, кое некогаш порано било населено, а денес тука преовладува пустина, можеби претставува дом од кој потекнуваат сите 7,7 милијарди луѓе на Земјата, покажаа истражувањата. Студијата заснована врз податоци на митохондриска ДНК од повеќе од 1.200 домородци од Јужна Африка на овој регион му даде голема улога во раната историја на човештвото пред 200 илјади години.
– Одамна е утврдено дека хомо сапиенсот потекнува од Африка, од каде што подоцна се раселил по светот. Но она што не го знаевме до ова истражување е дека на тоа место се наоѓала таа татковина – изјави генетичарката Венеса Хејс од институтот за медицински истражувања „Гарван“ и Универзитетот во Сиднеј, која ја водеше студијата, објавена во списанието „Нејчр“.
Најстарите познати фосили на хомо сапиенс се откриени во Мароко и се стари повеќе од 300 илјади години.
Оваа студија сугерира дека раните припадници на нашиот вид, онакви какви што биле откриени во Мароко, можеби не оставиле предци што живеат и денес, велат истражувачите.
Физичарот за климатски промени на националниот универзитет „Пусан“ во Јужна Кореја, Аксел Тимермен, кој исто така работел на студијата, заклучил дека не постои противречност помеѓу черепот сличен на хомо сапиенсот откриен во Северна Африка, кој може да потекнува од мртва лоза и предложеното јужноафриканско потекло на хомо сапиенсот што е сè уште жив.
Античкото езеро Макгадикгади почна да пропаѓа пред околу 200 илјади години, создавајќи мочуриште каде што живееле ловци-собирачи, велат истражувачите.
– Промените во оската и орбитата на Земјата предизвикаа промени во климата, дождот и вегетацијата, што предизвикаа рана миграција на таа група луѓе, најпрво кон североисток пред 130 илјади години, а потоа и југозапад пред 110 илјади години – истакна Тимермен.
Тој утврдил дека нивната студија ги обезбедила првите квантитативни докази дека астрономските климатски промени во минатото предизвикале миграција на луѓето, а сето тоа овозможило генетска разновидност, како и културен, етнички и лингвистички идентитет.