Квантните физичари од институтот „Руѓер Бошковиќ“ во Хрватска се дел од меѓународен тим научници, кои откриле и експериментално реализирале квантна комуникациска мрежа со повеќе корисници, што не може да се шпионира, соопшти институтот. Резултатите на ова значајно откритие, што претставува голем чекор кон целосно сигурна заштитена мрежна комуникација, се објавени во научното списание „Сајанс адвансис“.
Освен хрватските научници, меѓународниот тим истражувачи го сочинуваат научници од Универзитетот во Бристол (Велика Британија) и колеги од Институтот на Австриската академија на науките, пренесува агенцијата „Танјуг“.
– Хрватскиот дел од тимот даде свој придонес во истражувањето, со осмислување, дизајнирање и изработка на оптички приемници, кориснички дел од комуникациската опрема во квантната мрежа – објасни еден од творците на проектот, научен соработник на Заводот за експериментална физика на ИРБ, Мартин Лончариќ.
Клучните инструменти и уреди за изведување на експериментите се извршени во работилницата на Заводот за физичка хемија на ИРБ.
Овој меѓународен тим научници со комбинација на квантна испреплетеност на фотоните и на стандардните телекомуникациски техники, успеа да создаде квантна мрежа за осум корисници, која се протега низ градот Бристол, преку светлосни водичи, идентични со оние што се користат и за обичниот интернет.
Класично заштитената комуникација не овозможува целосно безбедно комуницирање, но квантната гарантира целосна и долгорочна безбедност на размената на информации.
Меѓутоа, засега е неверојатно комплицирано да се изгради голема и лесно проширлива квантно заштитена комуникациска мрежа.
Иако принципите на квантната комуникација се добро познати, проблемите врзани за вмрежувањето на повеќе корисници, како и стабилноста на врската за подолг временски период, сега се предмет на голем број научни и технолошки истражувања.
Архитектурата што ја осмисли и изгради меѓународниот тим овозможува давање квантна безбедност така што количеството на потребните ресурси расте само приближно пропорционално во однос на бројот на корисниците.
Но бројот на предаватели воопшто не расте и доволен е само еден за целата мрежа, без оглед дали станува збор за 10 или за 100 корисници.
– Исто како што поврзувањето на голем број класични домашни или деловни мрежи го сочинува денешниот интернет, наскоро можеме да очекуваме меѓусебно поврзување на ваквите квантни мрежи во една голема светска мрежа – заклучиле научниците.