Музичкиот фестивал „Вестивил“ во Белгија со раперката Карди Би како главна ѕвезда, беше нагло откажан пред да започне поради загриженост за безбедноста и истрага за измама, пренесува „Танјуг“.
„Вестивил“ беше откажан во петокот, на самиот почеток на тридневниот настан, кога веќе биле собрани илјадници посетители на теренот во Ломел, во фламанската покраина во Белгија.
Цитирајќи ги фламанските медиуми, белгиската мрежа „РТБФ“ во саботата објави дека обвинителството во Лимбург започнало истрага поради сомнение за измама поврзана со исплатите.
Како извор е наведен портпаролот Жерон Свијсен кој рекол дека во петок вечерта биле испитани три организатори на фестивалот.
„Вестивил“ во петокот на Твитер објави дека градоначалникот на Ломел, Боб Нијс, го запрел одржувањето на фестивалот поради безбедносни причини.
Во твитот е наведено дека, по консултации со безбедносните служби и обезбедувањето на раперот АСАП Роки, утврдено било оти безбедноста на публиката и изведувачот не може да се гарантираат.