Јубилејниот, 30-ти по ред „Струмички карневал“, чие главно дефиле требаше да се одржи денеска во центарот на Струмица, е откажан. Не се одржа ниту маскенбал во „Сириус“, каде што требаше да се изберат принц и принцеза за карневалот. Ќе нема ни детски карневал в недела на Прочка.
Ова го потврди градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој по завчерашниот „Концертот под маски“ одржа состанок со членовите на организацискиот одбор на „Струмичкиот карневал“, кои биле и во комуникација со надлежните државни институции за состојбата со коронавирусот и препораките до нив за и околу одржувањето на „Струмичкиот карневал“.
Според неофицијални извори од организацискиот одбор, и неколку странски карневалски групи го откажале учеството на „Струмичкиот карневал“.
Се откажуваат и сите настани поврзани со карневалот за Прочка што требаше да се одржи викендов во Прилеп.
– Врз основа на препораките на Министерството за здравство се откажуваат сите настани поврзани со меѓународниот карневал „Прочка 2020“ во Прилеп – соопшти општината Прилеп.