Иако денешната „брза“ мода и познатите брендови презентираат новини и нови трендови речиси секоја недела, сигурно во вашиот плакар имате парчиња облека што сѐ уште се модерни и кои можете да ги користите за есенски комбинации, без разлика дали станува збор за обична сина кошула или за карирано палто.
Купувањето нова облека обично е импулсивна одлука, можеме да видиме пар чевли на славна личност и да посакаме да ги имаме, сѐ со желба да бидеме во тренд. На секои неколку месеци, па дури и денови, модните куќи презентираат нови хит-парчиња и најчесто се чувствуваме под притисок да ги купиме за да не заостануваме со времето. Меѓутоа, судејќи според колекциите за есента 2021 година, многубројните парчиња што ќе бидат популарни сезонава можеби веќе ги имате во вашиот плакар.

Кошули
Бидејќи ова парче во суштина се смета за класично, големи се шансите да го имате. Не е важно каква боја и модел – класично бели, шарени или оние во пастелни нијанси, можете да ги користите за различни сценарија – од деловен изглед до ноќни излегувања. Оваа сезона кошулите се најпопуларни во слоевити комбинации, кога се носат наместо џемпер или јакна, а исто така може да се користат на стандарден начин, под елек или сако.

Елегантни (широки) панталони
Имајќи предвид дека поминавме значителен период во тренерки и удобна облека претходната година, време е за елегантни предимензионални (обично широки) панталони. Иако некогаш се сметаа за формални, денес може да се комбинираат како многу секојдневна опција – со маици со натписи, плетени џемпери или дури и корсет и потпетици.

Комплети
Комплетите не се ништо ново, почнувајќи од еднообразни палта и панталони до разни верзии со елеци, здолништа или мантили, и се чини дека дизајнерите не се откажуваат од овој тренд. Она што е особено интересно оваа есен се комплетите од три дела. Доколку немате примерок од ваков комплет, можете да спарите неколку парчиња облека што се во исти или слични нијанси.

Карирано
Карираното сѐ уште е неизбежен есенски тренд. Овој принт се враќа секоја година и дефинитивно имате некое парче во плакарот што можете да го искористите. Карираните палта и здолништа, кои оставаат „префинет“ и елегантен впечаток, се полн погодок оваа сезона.

Маици со слогани и натписи
Маици со разни натписи, симболи и логоа може да се најдат насекаде, а освен што слатките изреки или симпатичните илустрации веднаш го подигаат вашето расположение и ви дозволуваат да кажете нешто, тие се исто така во тренд. Оваа сезона, контрастите и необичните комбинации се она за што се залагаат модните влијатели и модните писти, па можете да ја комбинирате омилената маица со натпис со подуено миди-здолниште или дури и со претходно споменатите широки панталони.

Светли бои
Штом сонцето започне да заоѓа порано, ние обично избираме неутрални и потемни бои за да одговараат на целокупното расположение. Но оваа сезона, сѐ е со смели и живи тонови, па затоа не треба да се отфрлаат лесно. Можете да комбинирате неколку шарени парчиња или да изберете монохроматски изглед со едно парче во светла боја што ќе го привлече целото внимание.

Облека со исечоци
Исечоци на раце, рамења, странични пресеци, исечоци на колковите, нозете – сето ова во последните десет години беше главен тренд, а се чини дека ни оваа есен нема да промашите доколку изберете едно од овие парчиња. Судејќи според познатите личности како Дуа Липа и Бела Хадид, убаво е да се носат изрези од глава до петици. Ако ова ви изгледа премногу екстремно, можете да изберете само едно парче со изрез што ќе биде во фокусот на вашиот изглед.

Реси
Ова е еден од деталите што вечно се во мода, а во исто време е забавно да се носат. Ако сте сопственик на јакна, фустан или чанта со реси, дефинитивно ќе сакате да го вклучите тоа парче во вашата гардероба за оваа есен.