Холивуд одлучи свечено да ја одбележи 80-годишнината од премиерата на оскаровскиот филм „Однесено со виорот“, кој на 28 февруари ќе се прикажува во сите градови низ САД што имаат киносали. А бидејќи тоа е работен ден, филмот ќе биде на репертоарот и на 3 март.
Снимен по истоимениот роман на Маргарет Мичел, филмот доби осум „оскари“, од вкупно 13 номинации. А ако се пресмета приходот што го оствари во 1939 година во однос на денешната вредност на доларот, сумата би изнесувала околу 3,8 милијарди долари, што го прави филм со најголема заработка во историјата на САД.
Во 1982 година, поради својата културна вредност, делото е внесено во Државниот филмски регистар на САД, а пак Американскиот филмски институт го смести на листата „100 години 100 филма“.
Режијата е на Виктор Флеминг, за кого е интересно тоа дека дури среде снимањето на филмот ја ангажирал британската глумица Вивијан Ли за главната улога – ликот на Скарлет О`Хара. Пред неа, најсериозна кандидатка била Полет Годар. Нејзин партнер беше Кларк Гејбл, оти Гари Купер одбил да го толкува ликот на Ред Батлер. Купер тогаш сметаше дека филмот ќе биде „најголем неуспех во историјата на Холивуд“.
Филмот почнал да го режира Џорџ Кјукор, кој, исто така, само по 17 минути снимање се откажал и го напуштил проектот зашто сметал дека сценариото не функционира како што треба.
За улогата на Скарлет се пријавиле 1.400 глумици, меѓу кои и Оливија де Хевиленд, која, сепак, доби друга значајна улога – онаа на Мелани. Хети Мекданиел е првата афроамериканска глумица номинирана за „оскар“, кој и го доби – за најдобра женска споредна улога во ликот на дадилката Меми.
Првата верзија на филмот траела повеќе од четири и пол часа, но подоцна тој бил скратен за 48 минути.