„Наса спејс ап челинџ“ осми пат се одржува до 4 октомври во организација на „Њуменс бизнис акцелератор“, но првпат ќе биде комплетно виртуелен настан по барање од глобалните организатори.
– Ова е најголемиот хакатон во светот, кој се случува истовремено на над 200 локации на 5 континенти и поврзува отворени податоци од вселенските агенции со решавачи на проблеми. Целта на настанот е да поттикне соработка, креативност и критичко размислување, да поттикне интерес за наука и истражување поврзано со земјата и вселената и да инспирира нови генерации научници, технолози, дизајнери, инженери и претприемачи – велат организаторите.
„Наса спејс ап челинџ“ е менаџиран од централата на НАСА во Вашингтон, САД. Придобивки од овој виртуелен настан има многу. Годинашната тема е „Преземи акција“, како значаен потсетник дека и ти можеш да направиш разлика, дури и од својот дом. Секој може да аплицира индивидуално или како тим.
– Тимот е најдобро да има 3 до 5 члена, при што минимум е 2 члена, а максимум дозволен број на членови е 6. Секој од членовите треба да работи од дома и координацијата да ја правите онлајн, освен доколку во ист тим членуваат учесници што веќе живеат во исто домаќинство. Формирањето тимови оваа година е поддржано и преку глобалната виртуелна платформа од каде што ќе можеш да се поврзеш со други учесници од локацијата Скопје, или да побараш да се вклучиш во некој веќе формиран тим, а секако можеш да сметаш и на наша помош – објаснуваат организаторите на хакатонот.
Предизвиците на кои ќе можат пријавените да работат се организирани во 6 категории, и тоа: набљудувај, информирај, одржи, креирај, спротистави се, поврзи се.
Жирито ќе избере два победнички тимови в недела навечер откако ќе завршат сите поединечни презентации од секој од тимовите, а потоа ќе имате можност меѓусебно да гласате за тимот што ќе биде избран во категоријатa „Пипл чојс“. Сите три тима ќе бидат номинирани за Глобална награда од страна на НАСА. Додека НАСА ќе избере вкупно шест победнички тимови. Победниците ќе бидат јавно промовирани и поканети да го презентираат нивниот проект пред претставници на НАСА. Доколку патувањето во САД биде дозволено кон крајот на 2020 или во текот на 2021 г., глобалните победнички тимови ќе добијат покана да го посетат центарот „Кенеди спејс“ во Флорида и да присуствуваат на полетување на ракета.