Од десетте интересни ЛГБТ-филмови што се наведени на оваа листа, дури девет биле номинирани или ја добиле најпрестижната филмска награда „оскар“. Со своите актерски интерпретации, Том Хенкс освои „оскар“ како адвокат со сида во филмот „Филаделфија“, Шон Пен како Харви Милк, борец за правата на хомосексуалците, но и Хилари Свонк како трансродово лице во драмата „Момците никогаш не плачат“.
„Броукбек маунтајн“ , 2005 година
Потресната американска драма за забранетата љубов на двајца каубои – Енис (Хит Леџер) и Џек (Џејк Гиленхал), во режија на Анг Ли, ги воодушеви публиката и критичарите и освои три „оскари“ во 2006 година.
„Филаделфија“, 1993 година
„Филаделфија“, во режија на Џонатан Дем, е еден од првите мејнстрим-филмови што зборуваа за хомофобијата, правата на хомосексуалците и сидата на големото платно, преку очите на адвокатот Ендру Бекет, маестрално игран од Том Хенкс. Тој, исто така, за неговата актерска изведба беше награден со златна статуетка на Американската академија за филмска уметност и наука.
„Милк“, 2008 година
Американски биографски филм базиран на животот на Харви Милк (Шон Пен), во режија на Гас ван Санта, е уште едно извонредно достигнување за „оскар“ во серија што не треба да се пропушти. Филмот ги следи најважните моменти од животот на гореспоменатиот активист и борец за правата на геј-заедницата, кој наедно стана и првото отворено геј-лице избрано на јавна функција во Калифорнија.
„Момчињата никогаш не плачат“, 1999 година
Иако е родена во тело на жена, Тина Брендон, која феноменално ја игра Хилари Свонк, отсекогаш се чувствувала како маж. Кога не наидува на разбирање за личните предизвици во своето мало опкружување, тој одлучува да го смени својот изглед, да отпатува во нов град и на сите да им се претстави како Брендон. Во новиот град, се вљубува во Лана (Клои Севињи), но многумина не се задоволни од таа врска… Хилари Свонк со оваа улога го доби својот прв „оскар“ во кариерата.
„Сингл“, 2009 година
„Сингл“ е драмски филм, базиран на истоимениот роман од Кристофер Ишервуд од 1964 година, и режисерско деби на Том Форд. Тој зборува за професорот Џорџ Фалконер (Колин Фирт), кој решава да му стави крај на животот по смртта на својот љубовник.
„Керол“, 2015 година
Драмата Керол на режисерот Тод Хејнс следи необична љубовна приказна помеѓу две дами – помеѓу млада амбициозна фотографка (Руни Мара) и постара жена (Кејт Бланшет), која минува низ тежок развод и се обидува да го добие старателството над својата ќерка. Ова не е толку едноставна задача, имајќи предвид дека заплетот на филмот се случува во раните 1950-ти, кога вљубувањето во личност од истиот пол се сметаше за неморален чин, што придонесе некои лица и да завршат во затвор.
„Скриена љубов“, 2017 година
„Скриена љубов“ е драма на италијанскиот режисер Лука Гвадањино, која го следи сексуалното будење на 17-годишниот Ели (Тимотеј Шаламет) за време на летниот распуст, во идиличен град во Ломбардија. Кому младиот Ели ќе му го остави своето срце – на симпатичната Марција или на мистериозниот и постар Оливер?
„Месечина“, 2016 година
Оскаровската драма „Месечината“ го следи животот на едно афроамериканско момче Чирон во три важни фази од неговиот живот и ги истражува тешкотиите со кои се соочува поради неговата сексуалност. Главната улога ја добија тројца актери, Траванте Родос, Ештон Сандерс и Алекс Хиберт, кои беспрекорно го олицетворија во секоја фаза.
„Децата се добро“, 2010 година
Што се случува кога животот на лезбејска двојка е нарушен од ненадејното појавување на биолошкиот татко на нивните деца? Комплетниот хаос е тема на филмот „Децата се добри“, во режија и сценарио на Лиза Чолоденко со Џулијана Мур, Анет Бенинг и Марк Руфало во главните улоги.
„Со љубов, Симон“, 2018 година
„Со љубов, Симон“ не е драма, ниту оскаровски филм исполнет со трагични елементи. Овој филм ги надмина границите затоа што тоа беше првата романтична комедија во Холивуд што се фокусира на геј-лик – тинејџерот Симон (Ник Робинсон), кој се вљубува во шармантен странец.