Голем број луѓе низ светот се присилени на осаменост поради пандемијата на коронавирусот. Меѓутоа, физичкото дистанцирање целосно е во спротивност со нашите аспирации за социјална поврзаност, што е основа на човечката еволуција. Одеднаш, соочени со недостиг од друштвена интеракција, многумина од нас се чувствуваат осамени. За да ја надминеме осаменоста, ние се стремиме да ја исполниме празнината со користење страници на социјалните мрежи, пишува порталот „Конверзејшн“.
Кога поминуваме време со друга личност, доживуваме внатрешно задоволство. Студиите за скенирање на мозокот покажуваат дека супкортикалните области на мозокот, како што е вентралниот стритум, се активираат кога некое лице добива парични и социјални награди. Од друга страна, кога се чувствуваме осамени и отфрлени, наместо тоа, се активираат делови од мозокот поврзани со вознемиреноста.
Тоа може да биде последица на еволуцијата, која нè принудува да ги воспоставиме и да ги одржуваме социјалните врски за да го обезбедиме нашиот опстанок. Осамените луѓе, исто така, се фокусирани понегативно и со анксиозност гледаат на човечките намери. Понекогаш тоа може да стане толку моќно што нè прави да се чувствуваме уште поосамени – создавајќи маѓепсан круг. Екстровертните личности бараат повеќе социјални активности и изразуваат поинтензивен пристап до социјалните мрежи. Од друга страна, невротичните луѓе повеќе имаат тенденција да се изолираат. Осаменоста веќе некое време е признаена како значајна закана за физичкото и за менталното здравје.
Според психолозите, доколку се чувствувате осамено обидете се да ги идентификувате негативните мисли и да ги дефинирате само како претпоставки, а не како факти. Второ, приклучувањето во некоја група за поддршка би можело да биде многу добро и продуктивно. Социјалните мрежи се честа цел на критики, но многу луѓе што се повлекоа во самоизолација сега се потпираат на интернетот и на неговите алатки.