Според новото истражување објавено во списанието „Бреин, бихевиор енд имјунити“, опсесијата со коронавирусот може да доведе до голем број ментални проблеми. Со појавата на коронавирусот дојде до експлозија од информации во медиумите. Неизвесната природа на пандемијата, пак, доведува до постојани новости што влијаат на секојдневниот живот и честопати предизвикуваат вознемиреност, пренесува „Псипост“. Авторот на студијата, Шерман А. Ли, сакал да ги испита начините на размислување поврзани со ковид-19 и да утврди кога состојбата станува загрижувачка.
Ли испитал како опсесијата со коронавирусот влијае врз човечката психа и заклучил дека тоа доведува до психолошки проблеми, како што се самоубиствени идеи, консумирање алкохол или дрога, психолошки кризи, екстремна безнадежност и анксиозност. При истражувањето се испитувале податоци од два примерока, и тоа од мажи и жени од САД. Првиот примерок бил собран од 11 до 13 март и опфаќал 775 возрасни личности – на возраст од околу 30 години. Додека вториот примерок бил собран од 23 до 24 март и опфаќал 398 возрасни – на возраст од 32 години.
Ли ги анализирал податоците и идентификувал четири модели на прекумерно размислување за ковид-19. Статистичките анализи откриле дека четирите модели биле многу сигурни и биле користени за да се утврди опсесијата со ковид-19. Учесниците во студијата генерално изјавувале: „Бев вознемирен затоа што мислев дека можеби сум заразен со коронавирус“, „Имав вознемирувачки мисли, бидејќи мислев дека одредени луѓе кои ги сретнував можеби имаат коронавирус“, „Не можев да престанам да размислувам за коронавирусот“ и „Постојано сонував за вирусот“…