Имајќи голема љубов кон растенијата, по одреден период на работење во цвеќарници, Наталија Јовановска од Скопје сфатила дека е време своето хоби да го претвори во бизнис. Така, таа решила да отвори своја сопствена цвеќарница. Името на цвеќарницата е „Оксиџен Фактори“, во која заедно работат Наталија и нејзината мајка Нада, а првичната идеја со која е отворена цвеќарницата е во неа да ги спојат љубовта кон растенијата и љубовта кон читањето книги.
На почетокот кога ја отвориле цвеќарницата во септември минатата година, идејата им била поддржана од „БукБокс“, кои им донирале книги и купувачите добивале бесплатна книга со секое купено растение. Залихите брзо се потрошиле, па Наталија решила да поттикне размена на книги, така што со секое купено растение можете да донесете книга која може да ја замените за некоја што ви е по мерак.
– Книгите многу ми помогнаа на почетокот кога ја основавме фирмата. Отворањето фирма беше тешко, а книгите помогнаа во промоцијата која ми беше потербна. Драго ми е што многумина ќе речат дека токму некое растение или книга им е од „Оксиџен Фактори“ – објаснува Јовановска.
Иако нивната цвеќарница работи само четири месеци, таа полека се претвора во катче посветено на уметноста, убавината и топлината, не само за растенијата, туку и за животните, бидејќи Наталија верува дека сите заслужуваат љубов.
Растенијата во Оксиџен Фактори доаѓаат директно од Холандија, но тоа не значи дека тие не го поддржуваат и македонскиот пазар. Во нејзината цвеќарница се продаваат и рачно изработени саксии од Мирјана Лозановска-CactustTale, коверти и други рачни изработки.
Заштитен знак им е Монстерата, а вистински хит е растението Таландсиа, воздушно растение за кое не е потребна земја или саксија за да опстојува, потребно е само малце навлажнување на коренчињата секои три дена.
Во цвеќарницата, Наталија исто така има и растенија кои се на „рехабилитација“, а тоа се две мали бонсаи дрвца за кои таа се грижи и се обидува повторно да им ги врати ливчињата, а тоа го прави бесплатно. Исто така, во нејзината цвеќарница може да ги завиткате подароците, а најбалкански подарок кој Наталија некогаш го има завиткано во украсна хартија биле тегли со ајвар.
За авангардните девојки кои планираат да стапат во брак, во „Оксиџен Фактори“ може да се набави и црна кала, која ќе одговара на нивниот мрачен имиџ. Покрај сите овие различни елементи во цвеќарницата на Наталија, таа не запира и постојано размислува како да ја прошири понудата, односно како да го разубави и подобри работното катче. Наскоро, во цвеќарницата ќе бидат достапни за купување и уметнички слики.
– „Оксиџен Фактори“ е местото каде ги спојувам љубовта кон растенијата, животните и уметноста. Не сакам да звучи како клише, но дефинитивно следете ги вашите соништа и правете го тоа што вам ви прави ќеиф – вели Наталија.
Доколку сакате да го ѕирнете ова интересно катче кое ги спојува растенијата и љубовта кон книгите, можете да го погледнете нивниот фејсбук-профил Oxygen Factory.