Главните модни метрополи Њујорк, Лондон, Милано и Париз минатата година загубија над 600 милиони долари во сезоната есен/зима 2021 година, според податоците на „Блумберг“
По многубројните ограничувања и приспособувања на модната индустрија кон условите на пандемијата и организацијата на виртуелни модни ревии, организаторите на Модната недела во Париз и во Њујорк ја потврдија можноста за присуство на публика на настаните планирани за летово и есенва. Најавата дека њујоршката модна недела во септември ќе биде комбинација на физички ревии и дигитални настани е последниот знак дека модниот свет се враќа на традиционалните настани што беа норма пред да предизвика пандемијата сè да стане виртуелно.
Настанот, закажан за периодот од 8 до 12 септември, вклучува ангажман на 11 водечки дизајнери, кои ќе ги претстават своите колекции на Модната недела во Њујорк во текот на три сезони, пишува модното списание „Вог“.
Телфар, Проенза Шулер, Родарте, Брендон Максвел, Алтузара, Џејсон Ву, Монсе, Прабал Гурунг, Серхио Хадсон, Лакуан Смит и Маркаријан основаа т.н. „моден сојуз“ за њујоршката модна недела.
Исто така, со постепеното укинување на ограничувањата поврзани со пандемијата на ковид-19 во Франција, следното издание на париската модна недела за мажи, закажано за периодот од 22 до 27 јуни, доби дозвола за присуство на публика. Ревиите ќе бидат организирани во согласност со ограничувањата што се во сила и здравствените мерки на претпазливост што ќе ги дефинираат јавните власти, соопштија од Француска федерација за висока мода. Италија и Велика Британија исто така постепено се отвораат. Националната комора за италијанска мода, која е организатор на Модната недела во Милано, најави дека Неделата на модата за мажи, која се одржува од 18 до 22 јуни, ќе вклучува и физички и дигитални настани. На лондонската модна недела во јуни, повеќето брендови ќе одржат дигитални настани, со неколку помали презентации во присуство на публика. Главните модни метрополи Њујорк, Лондон, Милано и Париз минатата година загубија над 600 милиони долари во сезоната есен/зима 2021 година, според податоците на „Блумберг“.