Познати светски личности што влегле во политиката

Голем број глумци, спортисти, писатели и претприемачи, освен што биле успешни во својата кариера, се обиделе да запловат и во политичките води. На некои од нив им успеа да стигнат до највисоките политички позиции. Така е во светот, но и во Македонија состојбата е слична. Дел од политичката сцена биле глумиците Софија Куновска, Биљана Беличанец, Јелена Жугиќ, Владимир Талевски, Владимир Лазовски, пејачот Џина Папас-Џокси, музичарката Ратка Димитрова, режисерот Слободан Унковски, кој беше министер за култура.
Во актуелната политичка кампања, пак, во нашата земја се вклучени: Петар Георгиевски (Перо Камиказа), Бени Шакири, глумецот Тони Михајловски, музичарот Горан Алачки…

И на Балканот трка за фотелји

Прва хрватска државна секретарка за спорт е успешната скијачка Јаница Костелиќ. Глумецот Златко Витез беше министер за култура од 1994 до 1995 г., а потоа советник за култура на Фрањо Туѓман од 1996 до 1988 година и пратеник од 1998 до 2001 г.
Во Србија како политичари се обидоа глумците Светислав Гонциќ, Бата Живоиновиќ, Воја Брајовиќ, Сергеј Трифуновиќ, музичарот Иван Тасовац и писателите Борислав Пекиќ, Добрица Чосиќ…

 

Роналд Реган – прва филмска ѕвезда – претседател

Првобитно спортски коментатор на радио, потоа глумец во филмовите на таканаречената Б-продукција, повеќе од 20 години, Американецот Роналд Реган во 1966 година е избран за гувернер на сојузната држава Калифорнија, во 1981 година тој стана 40-от американски претседател, а беше избран и во вториот мандат. Всушност, Реган ја искористил актерската кариера за да влезе во политиката.
На Филипините глумецот Џозеф Естрада влезе во политиката во 1969 година, кога беше избран за градоначалник, а подоцна и за сенатор и претседател. Естрада во 1998 г. стана претседател на државата, но беше сменет по три години, поради обвиненија за корупција.
И политичката кариера на Клинт Иствуд има врска со Калифорнија. Очигледно жителите на оваа сојузна држава во САД имаат наклонетост кон мажи од шоу-бизнисот. Овој глумец и режисер од 1986 до 1973 година беше началник на Кармел, а потоа стана активен член на Републиканската партија.
Глумецот Џими Моралес во Гватемала во октомври 2015 година е избран за претседател. Како филмски продуцент и телевизиски водител, Моралес стекнал популарност во улогата на наивниот каубој Нето.
Во Перу, познатиот глумец Салвадор дел Солар станал министер за култура во 2016 година, а премиер во март 2019 г. Италијанскиот телевизиски моќник Силвио Берлускони трипати бил премиер, од 1994 до 2011 година. Наспроти постојаните проблеми со правосудството, ја предводел италијанската десница 25 години.

Патот на Доналд Трамп

Доналд Трамп, милијардер на чело на империја на недвижности, стана претседател на САД во 207 година. Некогашниот сопственик на изборот за мис на универзумот, Трамп, како 45. американски претседател немал претходно никакво политичко искуство, а популарност стекнал со реалното шоу „Чирак“, чиј е продуцент и еден од водителите од 2004 до 2015 година.
За разлика од Трамп, влегувањето на глумицата и пејачка Мелина Меркури во политиката било разбирливо. Нејзиниот татко бил грчки министер за внатрешни работи, а дедо ѝ градоначалник на Атина. Од 1981 година, таа ја извршувала функцијата министер за култура.
Мишел Мартели, пејачот познат како Слаткиот Мики, бил претседател на Хаити од 2011 до 2016 година. Бившиот олимписки шампион во мечување (од 1968 до 1972 година), Пал Шмит, бил претседател на Унгарија од 2010 до 2012 г.
Светски познатиот фудбалер Жорж Веа, во 2017 година стана претседател на Либерија, а претходно беше сенатор. Бившиот шампион во крикет Имрам Кан, во 2018 г. стана премиер на Пакистан. Глумецот Володимир Зеленски неодамна победи во вториот круг на претседателските избори во Украина. А боксерската легенда Виталиј Кличко, во 2014 година беше избран за градоначалник на Киев.
И во писателската фела има познати политичари. Писателот Леополд Седар Сенгор во 1960 г. стана прв претседател на Сенегал. По стекнувањето на независноста и писателот Вацлав Хавел во 1989 г. стана прв претседател на посткомунистичка Чехословачка.