Се е подготвено, градот е исчистен со асфалтирани улици и разубавени фасади за стартот на годинашново издание на стопанско туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2018“. Локалната самоуправа понуди богата тридневна програма на 7, 8 и 9 Септември во чии рамки значајно место ќе заземе и одбележувањето на двата празника 7-ми Септември ослободувањето на Кавадарци со свечена седница и денот на независноста 8-ми Септември.
Вечерва во 20 часот во Галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ е најавено отворањето на ликовната изложба на кавадаречкиот ликовен уметник Лазар Дојчинов под наслов „Ферментација“. Неговите дела се инспирирани од виновата лоза, зрелите плодови на тиквешкото поднебје и традиционалниот начин на производство на вино, ракија и маџун. Со оваа изложба и официјално започнуваат бројните активности за време на тиквешкиот гроздобер. За утре петок 7 Септември активностите започнуваат уште во 10 часот со меморијалниот турнир „Сестри Китеви“ во спортската сала „Јасмин“.
За 12 часот е предвидена промоција на третата книга на Душко Стефанов збирка вински мисли под наслов „Буке“ во домот на културата по што забавата се сели на градскиот плоштад со настап на Ди џеј Доне Манџукоски кога во исто време ќе се одвива и натпреварот на коктели од вино на улицата „Илинденска“ и трака на келнери по што околу 15 часот ќе следи дегустација на вина и уметничка работилница на градскиот плоштад.
Малиот парк спроти полицијата во центарот на градот и годинава ќе биде место за дегустирање на добра скара пропратена со препознатливи звуци на староградски песни. Попладне во 17 часот предвиден е ревијален ракометен натпревар на ГРК Тиквеш 2014 – Ветераните на ракометната репрезентација на Македонија во спортската сала „Јасмин“. Во истиот термин во Музеј-галеријата ќе се случува промоција на фотомонографијата„Ризница на ликовни дела“ од Весна Ѓорѓиева и Трајче Цветков.
Во сабота 8 Септември во 11 часот предвидена е изложба на олтајмери на градскиот плоштад, Мото рели, традиционалната Таблијада ќе се случува во 12 часот, а во 13.30 настапуваат велосипидисти заедно со Тиквешки точкаџии.
Во недела третиот ден од Тиквешкиот гроздобер од 11 часот започнува детската програма во 12 и 45 минути традиционалниот ритуал на кинење на првиот грозд и стартување на гроздоберот, а околу 13 часот ќе стартува карневалското дефиле низ улиците на Кавадарци до градскиот плоштад.
Во музичкиот дел најавени се настапи на познати музичари покрај локалните бендови и фолклорниот ансамл „Тиквеш“ од кавадарци. Во петок настапува Слаткаристика, Криско, Сејф Саунд Систем, Диџеј Ѓорѓе. Во сабота забавата ќе ја разубават Некс тајм, потоа Љубојна и Џамбо Агушеви оркестар, а истовремено на Спомен костурницата во градскиот парк најавени се настапи на познати диџеи. За недела од 22 часот најавен е настап на популарната балканска ѕвезда Цеца за кој локалната самоуправа Кавадарци од повеќе градови во републиката обезбеди бесплатен превоз. Се разбира сите заинтересирани подетални информации ќе можат да добијат на официјалниот сајд на Тиквешки гроздобер 2018.