Харисон Форд за филмот „Повик на дивината“
Романот за кратката авантура напишан пред речиси еден век, кој сè уште им служи како инспирација на децата и на режисерите, моќно сведочи за безвременските и универзалните теми. Класиката „Повик на дивината“ на Џек Лондон е таква книга, со тоа што првпат беше екранизирана во 1923 година, но сега е целосно поинаку претставена од страна на режисерот Крис Сандерс и легендарниот актер Харисон Форд.
За една книга објавена пред речиси 120 години, навистина изненадува што „Повик на дивината“ сè уште е лектира. Дали вие ја читавте на училиште?
– Да, во средно училиште, и мислам дека токму тогаш е вистинското време за читање на оваа книга. Но помладите во друштво на родителите имаат можност порано да ја видат приказната, поточно екранизацијата што ја направивме. Направивме филм базиран на „Повик на дивината“ што е соодветен за да може и помладата публика да ужива во него и се надеваме дека ќе го гледаат заедно со родителите во кината.
Дали уживате да работите на посемејно ориентирани проекти?
– Убаво е да се работи на такви проекти. Моите деца се веќе возрасни, но имам осумгодишно внуче. Добрата работа во мојата кариера е што снимив многу филмови што се гледаат во кругот на семејството, а нивниот успех ми овозможи да се занимавам со нешта што ме интересираат и да истражувам други теми и други ликови. Но, како што доаѓаат новите генерации, ме запознаваат како актер преку „Војна на ѕвездите“ или серијалот за „Индијана Џонс“, а се надевам и дека ќе ме препознаваат и преку најновиот филм.
Романот и филмот опфаќаат многу широки теми, како што се спасението, потрагата по себе, природата наспроти опстанокот. Која од овие теми ви е најблиска?
– Една тема е за животните, за Бак, а една тема е за Торнтон, мојот лик. Темата на Торнтон е за спасението, повторниот допир со својата емотивна реалност, а тоа се случува преку врската со Бак. Додека Бак го чувствува повикот на дивината, ја надминува домашната поврзаност и ја открива својата вистинска природа меѓу дивите животни, Торнтон, од друга страна, се соочува со нештата што го натерале да ги напушти домот и семејството во САД.
За разлика од многу други ликови во приказната, Торнтон не заминува во Јукон во потрага по злато.
– Не заминува за Алјаска за да бара злато, туку затоа што тој заедно со синот отсекогаш сонувал за авантури, а особено неговиот син ги сакал планините и го интересирале приказните за златната треска. За жал, неговиот син починал, бракот не успеал токму поради неможноста партнерите да се справат со загубата на нивниот син. Кога тој го наоѓа Бак, решаваат да заминат на авантура слична како онаа на која се надевал дека ќе оди со синот, а кога забележува дека Бак сè повеќе го влече природата, тој наоѓа храброст да се врати и да се соочи со својот живот.
Исто како ликот на Торнтон, вие не се експонирате премногу во јавноста и приватниот живот го чувате за себе.
– Не мислам дека е така. Не бегам од проблемите, иако се трудам да го чувам семејството надвор од будното око на јавноста.
Торнтон и Бак имаат многу посебна врска. Дали и вие сте љубител на животни?
– Отсекогаш сум чувал кучиња. Сега имаме само три од вкупно четири. Сите се вдомени, земени од стационар или најдени на улица. Имам две мали мешанчиња од териер и едно што личи на мопс. Така што, точно, љубител сум на кучиња.
Секое од нив има свој карактер и мојот однос со нив зависи од нивната природа и нарав. Со секое куче е различно. Џуно и Џенуари се брат и сестра, но имаат различен карактер, а Магз, малиот мопс, е речиси слеп, можеби и малку глув, па затоа сега поинаку се однесуваме со него.
Дали вашата врска со миленичињата влијаеше на вашата одлука да го снимите филмот?
– Повеќе станува збор за раскажување приказна. Ова беше шанса да направам нешто поинакво, да играм лик што е различен од сите досега, да ја работам професијата што ја сакам и да соработувам со талентирани луѓе чиј труд многу го почитувам.
Режисерот на филмот, Крис Сандерс, е познат по режирањето анимирани филмови како „Семејството Крудс“ и „Како да го дресираш својот змеј“, но никогаш не режирал филм во живо. Дали се двоумевте дали да ја прифатите соработката?
– Мислам дека тоа воопшто не беше пречка. Иако Крис не режирал филмови со живи актери, тој одлично ја разбра приказната и актерите што ги избра многу добро сфатија што сака тој од сценариото и работата со него како режисер. Вистинскиот предизвик е да се зачува тонот на приказната. Ако тргнете во насока да внесете „забава“ или „слатки сцени“, така ќе се изгуби смислата. Сакате публиката емоционално да се внесе во приказната за да ја сфати нејзината порака, а тоа значи дека не треба да ви се сугерира како да се чувствувате, туку да ја искусите приказната како што се развива.
Имате претходно искуство со визуелни ефекти на големото платно. Како актер, дали ви се допаѓаат?
– Го сакам раскажувањето на приказната, а не ми прави разлика дали има визуелни ефекти или дали сцената ќе се одигра во живо. Едно од поважните нешта е што изградивме физички сетови за целиот филм и ги менувавме пред првата или втората приказна, а потоа ги стававме на локација што не беше снимена со магијата на визуелните ефекти. Тоа ни овозможи да снимаме и на други локации.
Дали некогаш повторно ќе ве видиме назад во „Војна на ѕвездите“?
– Не, мојот лик умре двапати.
Но изгледа како тоа да не е важно во светот на „Војна на ѕвездите“…
– Точно, во „Војна на ѕвездите“ не е важно, но мислам дека нема да се вратам, затоа што во контекстот во кој тој лик требаше да придонесе за раскажување на приказната беше да постои заедно со други ликови. Ликови како неискусното момче, мудриот стар воин, убавата принцеза и сезнајкото, кого го глумев јас. Ликот беше наменет за таа приказна и бев многу среќен што тој беше жртвуван за да се постигне емоционална сложеност. Така што јас ја исполнив мојата цел во „Војна на ѕвездите“, бев дел од една многу далечна галаксија и сега сакам да се вратам дома и да им се посветам на домашните обврски.
Дали размислувате некогаш за пензионирање?
– Сакам помалку да работам. Се занимавам со многу нешта и, за среќа, доволно сум зафатен. Се надевам дека еден ден ќе запрам, само се надевам дека нема да биде токму денес.