Објавен е првиот трејлер за долгоочекуваното продолжение на франшизата „Бил и Тед“, насловено „Бил и Тед 3, соочи се со музиката“, во кој главните улоги ги имаат Киану Ривс и Алекс Винтер.
Во видеото се појавуваат и двајцата актери во нивните улоги како Тед и Бил, сега средовечни мажи, и имаат задача да напишат песна што ќе го обедини светот. Очајни, тие решаваат да патуваат во иднината за да ја украдат завршената мелодија од себеси. Покрај Ривс и Винтер, во продолжението се враќа и Вилијам Садлер како Грим Рипер. Исто така во филмот глумат и Бриџит Ланди-Пеин и Самара Вивенг како ќерки на Тед и Бил.
Третото продолжение на научнофантастичната комедија, за кое се зборуваше дека ќе се случи, доаѓа по пауза од 30 години од првиот филм „Одлична авантура на Бил и Тед“ од 1989 година, а во 1991 година беше снимено и продолжението „Лажното патување на Бил и Тед“.
Премиерата на „Бил и Тед, соочи се со музиката“ е планирана за 21 август 2020 година во САД и во Велика Британија.