Обложувачниците се подобрија во однос на минатогодишното полуфинале и оваа година погодија дури осум од десетте учесници во финалето на „Евровизија 2019“ во Тел Авив, Израел, пренесува порталот „Екстудеј“.
Пред настапите во првото полуфинале, освен за сите други за кои „погодија“, тие сметаа дека Унгарија и Белгија ќе се пласираат во саботното финале. Но наместо нив, во финалето влегоа Белорусија и Сан Марино, изведувачи кои беа рангирани на 14-тото и 15-тото место од обложувачниците.
И покрај овие две изненадувања, високото ниво на успех на букмејкерите може да се каже дека е валиден инструмент за да се предвидат случувањата и за втората евровизиска вечер. Па така, кога ќе се земат во предвид резултатите од минатата вечер, обложувачниците ја вбројуваат Тамара меѓу десетте изведувачи кои успешно ќе се претстават на утрешната втора полуфинална вечер.
Во поредокот, Шведска има највисоки шанси на пласман понатаму, потоа следуваат Холандија, Русија, Азербејџан, Швајцарија, Малта, Норвешка, Македонија е осма, а зад нас се само Ерменија и Данска.
Високите шанси на Тамара ги потврди американскиот магазин „Билборд“, кој претходно ја вброи меѓу 12 фаворити на музичкото натпреварување во Тел Авив, Израел.