Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со вработените од резерватот „Јасен“ на крајот на февруари со ГПС околувратник успешно обележале млад мажјак од загрозениот вид балкански рис.
– За присуството на балкански рис во Јасен имавме податоци подолго време, но досега немавме среќа да поставиме ГПС околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен – изјави Диме Меловски од МЕД.
Тој додава дека рисот бил обележан од страна на тројца членови на тимот на МЕД со поддршка на еден ловочувар од „Јасен“ и двајца стажанти од Германија и Франција.
Обележувањето на овој рис е дел од сесија за поставување на фотозамки која покажала и присуство на уште една единка на рис како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.
Активностите за воспоставување на мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, којшто е финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведен од УНДП со поддршка на Министерството за животна средина.