Јужнокорејска компанија за козметика предизвика контроверзи со маски за лице на кои е претставен ликот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, по што бројни продавници одлучија да го повлечат производот, пренесува весникот „Бизнис стандард“.
Произведувачот, компанијата „5149“ соопшти дека продала 25 илјади од т.н. „нуклеарни маски“ од јуни. Но, голем број на јужнокорејски продавници одлучија да престанат со продажбата поради негативните реакции во јавноста, односно поради можните законски проблеми. Во Јужна Кореја е нелегално да се зборува во полза на севернокорејската власт, иако законот ретко се почитува.
Бројни Јужнокорејци се сликаа со маските (една чини 3,5 долари), објавувајќи фотографии на социјалните мрежи. Рекламите тврдат дека маските содржат минерална вода од вулканот Бајту Шан, родното место на Дангун, кој го формирал првото корејско кралство.
Директорката на „5149“ Квак Хијон-ју истакна оти сакала маските да ги слават корејските самити одржани годинава.