По концертот на „Банкрот блуз-бенд“
Со нетрпение музичките сладокусци го очекуваа моментот кога по цели 20 години повторно сцената ќе ја делат членовите на „Банкрот блуз-бенд“: Петар Ренџов, Игор Атанасовски-Харе и Сашо Гигов-Гиш, во рамките на годинашниот „Блуз и соул фестивал“. Картите беа распродадени десетина дена пред концертот, а сите завчера малку загрижено погледнуваа кон небото, посакувајќи ведра и топла ноќ, во која тројката што десетина години ги
забавуваше скопјани со своите уникатни настапи и крстосуваше низ Македонија ќе нѐ потсети на тие убави времиња.
Се случи неповторлив концерт, каков што одамна немало во Скопје, посебен по многу нешта. Поводот беше одбележување на 30-годишниот јубилеј на групата, па токму затоа и свирката започна со враќање на почетоците, кога бендот настапувал во клубот „Стерна“, а потоа песна, по песна, сцената се наполни со пријателите на Петар, Гиш и на Харе: Елена Ставреска – вокал, Венко Серафимов – гитара, Никола Петровски-Џими – гитара, Сашо Георгиевски – харп, Гоце Стевковски – тапани, Мите Димовски – тапани, Дарко Мучев – бас, Сенад Усеин – труба, Кирил Кузмановски – саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Дамир Имери на синтисајзери….
И тројцата, сите овие години израснале во извонредни музичари, па слободно може да се каже и во виртуози во чии раце се „топат“ гитарите, а, пак, мултиталентираниот Гиш, зрачеше на сцената со својата харизма и, очекувано, изведуваше вратоломии со својот глас. На моменти сѐ што се случуваше изгледаше нестварно, набиено со многу позитивна енергија, а секако за тоа придонесуваа радоста на музичарите што се дел од овој настан, „концертиште“, како што го нарекоа, и среќата и насмеаните лица на публиката, која со својот аплауз ѝ беше поткрепа на секоја изведба. Слушнавме блуз-класици на Бо Дидли, Ерик Клептон, Џон Мајал, Лу Доналдсон, Роберт Џонсон, Мади Вотер…, а сите гости исто така ѝ дадоа свој белег на вечерта. Венко Серафимов со својата гитара и Гиш со својот глас нѐ потсетија на песната „Еј ти младо момче“ на Љупчо Константинов, што своевремено на Скопскиот фестивал ја испеале „Индекси“, како и на извонредната „Have the blues“ на групата „Конкорд“. Елена Ставревска сите ги одушеви со сојот моќен вокал, а го слушнавме и Бранко Попчевски на ситизајзер, како во старите добри времиња. Одлична атмосфера направија и гостите од дуото „Ин д муд“.
По околу два часа свирење, не можеше да се заврши концертот без култната песна „Моја гитара“, првпат отпеана на „Макфест“ во Штип, 1992 година, која на своевиден начин ја обележи кариерата на „Банкрот блуз-бенд“ и сѐ уште со задоволство се слуша.
На бис, се разбира, повторно се разлеаја звуците на блузот, кој како да ги хипнотизира сите присутни оваа вечер. Како сите да бевме приклучени на респиратори и цели два часа дишевме само блуз. Ова мора да се повтори, посакаа сите што беа дел од вечерта со која „БББ“ одбележија три децении постоење, кое остави длабоки траги во историјата на македонската популарна музика.