Додека пандемијата на коронавирусот се шири низ светот, двојка од градот Раипур во Индија, на своите новородени близнаци им ги даде имињата Ковид и Корона, за да ги потсетуваат на тешките денови што ги преживеале.
Дваесет и седумгодишната мајка на близнаците, за индиската новинска агенција ПТИ, изјавила дека засега така ќе се викаат децата, но оставила можност подоцна ќеркичката и синчето да добијат нови имиња.
– Кога вработените во болницата почнаа да ги викаат бебињата Ковид и Корона и ние со сопругот решивме да го прифатиме тој предлог и на децата да им ги дадеме овие имиња – изјавила мајката на децата.
Во Индија, во која живеат скоро 1,4 милијарда луѓе, досега се регистрирани 2.600 случаи на заболени од коронавирусот и 72 починати.