Новиот филм за најславниот таен агент на светот, Џејмс Бонд, ќе се вика „Нема време за умирање“, објави продукцијата на социјалната мрежа Твитер. Филмот претходно беше насловен „Рака што разбива“, но името е сменето, за да биде во согласност со имињата на претходните култни филмови за британскиот шпион. Снимањето сѐ уште трае, а најавено е дека ова ќе биде последно појавување на Даниел Креиг во улогата на Џејмс Бонд, објави „Дејли мејл“.
Во новиот филм, мирниот живот на агентот на Јамајка ќе биде прекинат кога неговиот пријател Феликс ќе го повика да му помогне во мисија за спасување еден киднапиран научник.
Режисер на 25-от филм за Бонд е Кери Фукунага, додека сценариото го напиша Фиб Валер Бриџ. Продукцијата почна во април годинава, откако беше одложена неколку месеци по заминувањето на режисерот Дени Бојл. Но тоа не беше единствениот малер, бидејќи Креиг мораше да биде подложен на операција, откако ги скина лигаментите на зглобот, кога во мај падна во текот на снимањето на Јамајка. Глумецот по операцијата заздравуваше две недели, што дополнително го одложи снимањето.
Освен на Јамајка, филмот се снима на голем број локации во светот: Норвешка, Италија, Велика Британија, а преместувањето на екипата во Шкотска упатува дека тајниот агент уште еднаш ќе го посети својот дом од детството, што обожавателите можеа да го видат во „Скајфол“.
Премиерата на филмот е закажана за 3 април следната година во Велика Британија, а на 8 април ќе биде премиерно прикажан во САД.