На првиот програмски сервис на МРТ во средата почна да се прикажува новата сезона на серијалот за деца „Дајте музика“. Новите 30 епизоди се снимени во копродукција на Македонската радио-телевизија и продукцијата „Рифенштал“. Авторка на серијалот е Цаци Паковска, а режисер е Марко Ѓоковиќ.
Во новиот серијал учествуваат четириесетина деца, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел е избран на јавен повик за млади таленти објавен од продукцијата.
Серијалот ќе има многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“, детски кавги и помирувања и други разни згоди и незгоди на добро познатите старомаалци. Целта на новите продолженија е преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности – добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија – низ призмата на модерната генерација и новите детски идоли.
Во новите 30 епизоди ќе има 30 музички спота, од кои 19 се снимени на надворешни локации, интересни теми и гости и многу нови содржини во однос на минатата сезона.
– Предизвикот беше огромен. Од една страна, имавме проект што за нецела година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Јутјуб, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба да го реализираме проектот.
Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш прв приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме. Мислам дека нашата публика ќе биде задоволна од сработеното – изјави Паковска, продуцентка и авторка на серијалот.
„Дајте музика“ ќе се емитува во среда, четврток и петок, во 11.40 и во 19 часот.
Серијалот се реализира во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од Aсоцијацијата на европски филмски агенции (ЕФАД).