Божиќ е момент да направиш нешто убаво за некого, рекол американскиот карикатурист Чарлс М. Шулц. По повод новогодишните и божиќните празници, весникот „Нова Македонија“ реши да ги расположи своите читатели, како и сите случајни минувачи покрај редакцијата. Во пријатна празнична атмосфера, со божиќна музика, тимот на весникот и Дедо Мраз им подготвија изненадување на сите минувачи на улицата Јуриј Гагарин.
Подароците се едни од основните состојки за убави празници, па со скромни пакетчиња измамивме насмевки на многу лица. Никој не остана рамнодушен на веселиот дух на Дедо Мраз. Задоволството им се читаше од очите. За миг се разбуди детето кај многу возрасни. Речиси сите сакаа да се фотографираат покрај накитената природна елка со Дедо Мраз. Атмосферата беше збогатена и со акробациите на жонглерот Дарко Ѓурчиновски. Тој комплетно го дополни празничната амбиент со своите точки.
„Нова Македонија“ за момент ги врати возрасните во детството. Ги потсети на празничната магија. Им овозможи да ја доживеат радоста на Дедо Мраз. И се уверивме дека никој не е имун на новогодишни пакетчиња. Тие му носат радост секому, без оглед на годините.