Новата ТВ-серија во продукција на „Амазон прајм“ под наслов „Марадона: Благословениот сон“, стана глобален хит откако во десет епизоди ги покажува најдобрите, но и најлошите моменти од животот на легендарниот Диего Армандо Марадона.
Со Хуан Паломино во главна улога, серијата го прикажува Марадона не само во блескавите моменти како освојувањето на светската титула, туку и темната страна – многубројните неверства при бракот со Клаудија Вилјафране, и секако борбата со дрогата. Првиот кадар е сцена во која 40-годишниот Диего колабира од предозирање во 2000.
Се покажува и човечката страна на големиот фудбалер – како во првата епизода кога 15-годишниот Марадона, конечно, го сели своето семејство во пристоен дом откако стана најмладиот фудбалер во аргентинската фудбалска лига.