Централната агенција за разузнавање (ЦИА) објави голема архива со документи за неидентификувани летачки објекти (НЛО) на Интернет. Документите се целосно достапни за преземање и читање, пренесува „Њузвик“.
Објавената архива состои документирани податоци кои американските власти ги нарекуваат „Неидентификувани воздушни феномени“, а податоците датираат назад до 80-тите години на минатиот век. Иако ЦИА тврди дека се работи за целосната колекција за оваа контроверзна тема, дали тоа е веродостоен податок останува допрва да се докаже.
Документите беа објавени од веб-страницата „Црниот трезор“ (The Black Vault), која го користи Законот за слобода на информации за да добие декласифицирани владини документи.
– ЦИА ја има најголемата колекција од документи за НЛО-а, и конечно успеавме да дојдеме до неа по години поминати со испраќање формални барања. Иако тие тврдат дека ова е „финална и целосна“ архива од документи на оваа тема, истрагата ќе покаже дали има некои документи кои агенцијата сѐ уште ги чува во тајност – вели Џон Гринвалд помладиот, креаторот на „Црниот трезор“.
Благодарение на Гринвалд, јавноста и ентузијастите за НЛО-а можат бесплатно да ги преземаат или читаат документите. Оваа архива е посебна и одделена од извештајот за НЛО-а што го составуваат федералните агенции под Законот за овластување за разузнавање, кој се очекува да биде објавен во наредните шест месеци.
– Архивата е достапна на страницата од минатата среда, а оттогаш илјадници луѓе ги преземаа документите. Иако некои од нив не се во најдобра состојба, горд сум на мојот успех – вели Гринвалд помладиот.