Валавицата е музеј на отворено. Задолжително треба да се зачува и заштити. Многу туристи доаѓаат само да видат како се работи, на кој принцип функционира валавицата, како се перело во едно време
Голема Река извира од северозападните падини на Плакенска Планина на надморска височина од 1.880 метри и тече низ брда и долини, села и ледини, додека се влее во реката Сатеска. Голема Река е десна притока на Сатеска. Освен што ја кити природата во овој предел, оваа река има економска, традиционална и етнобенефиција. Во еден дел од нејзиниот тек, во близина на селото Свиништа, кое се наоѓа на 20 километри североисточно од градот Охрид, во преминот меѓу Плакенска и Петринска Планина, на патот Охрид-Ресен, уште со полн погон, со сета сила бучи валавицата на семејството Николоски.
Занает што се негува со децении, векови, наследен од прапрапрадедо. Занаетите се богатството на една нација. Историски трезор што сведочи за културата, развојот на еден народ, а Ристо Николоски е мајстор што неуморно се залага да се одржи пулсот на овој стар занает.
Го затекнавме со полни раце работа. Се уверивме дека многу граѓани уште го практикуваат овој принцип на перење. Ќебиња, јамболлии, јоргани, душеци, алишта, теписи, перници, чекаа на ред да влезат во коритото што го врти силниот млаз на Голема Река. Без детергент, без капка омекнувач, перените работи излегуваат меки, чисти, беспрекорно испрани. Задоволните клиенти велат дека ништо не пере подобро од воденицата на Николоски. Со години Николоски се со полни раце работа, а клиентите повеќе од задоволни. Нема ништо инсценирано. Сушарницата деновиве е преполна и насекаде околу се постелени алишта, теписи, ќебиња, да фатат сончев зрак.
Како што ни сподели Ристо, занаетот го научил од својот дедо, го работел со неговиот татко, а сега тој и неговиот син го одржуваат битот на валавичарството. Едни од ретките што комплетно се посветени на оваа древна мајсторија.
– Уште од мал се навлеков на овој фамилијарен занает. Си ја сакам работата, со љубов ја работам. Ова се првите фабрики на воден погон. Ова било изум на времето. Сѐ e направено од дрво, вистинска уметност, без ниту еден клинец. Така ги учеле. Ми се чудеа кога го обновив занаетот. Никој не веруваше дека ќе успеам. Но, ете, и во време на технологија успевам не само да го одржувам во живот, туку и да работам со полни раце. Имам многу редовни муштерии од Охрид, Струга, Ресен, и од Скопје доаѓаат. Нудиме таква услуга што ги земаме и им ги носиме до дома работите што им се за пеење. А знам и мојата облека на крајот од денот да ја фрлам во коритото и да ја исперам. Доколку некои парчиња се извалкани, гадни, прво ги переме со прашок настрана, а потоа ги фрламе на плакнење во коритото, директно на млазот од реката. Немам некоја техника, само ги фрлам, се вртат половина час и ги вадам, тоа е процесот. Но чистата вода и силниот млаз си го прават своето – вели Николоски.
Вели дека секој ден има работа, само зиме прават кратка пауза, затоа што тешко се сушат работите. Во текот на летото нема застој. Работат прекувремено за да постигнат сѐ да пуштат во барабанот на речната пералница.
Ни кажа дека водата е чиста и нема што да ја загади во овој простор, дека речна пастрмка се лови на неколку метри над валавицата, а штом има пастрмка, тогаш водата е суперчиста, дури може да се пие.
– Малку да е загадена водата, пастрмката не може да живее – додава Николоски.
Валавицата функционира на тој принцип што дел од реката е насочен силно да паѓа во коритото, рачно направено.
– Неодамна го реставриравме коритото. И млазот е толку силен што предизвикува вртежи, како центрифуга. Не користиме детергенти, прашоци, омекнувачи, а сепак по перењето излегуваат чисти како солза, меко како памук. Притоа внимаваме во ниту еден момент да не ја нарушиме чистината на природата и убавината на просторот. Еколошки постапуваме во секој чекор. Порано, памтам, по текот на целата река имало валавици, сега само нашата врти – ни сподели Ристо.
Голема Река во одреден дел се вика Зли Дол, затоа што поминува низ подрачје познато како Зли Дол. А планинарите често знаат да ги искусат шареноликите патеки низ Плакенска Планина, која го добила името по највисокиот врв Плаќе. Изворите се во близина и постојано има вода. Протекуваат 200 литри на секунда, парчињата ги удира на штиците, ги врти 12-15 пати во минута, така што околу 300 пати силно ги удира. А капацитетот на коритото е за околу 700 килограми.
– Два и пол метри е длабоко, 50 сантиметри широко. Има еден дел внатре, ние го викаме прстен, кој ги држи штиците во форма на конус и да не мрдаат, и водата кога удира во дрвото, во штиците ги врти. Обично фрлам по 15-20 ќебиња, во зависност од големината, 5-10 јамболлии. И сум забележал на студ најубаво се перат, белеат, чудо е тоа, и самите муштериите забележуваат, но проблемот е што потешко се сушат. Еве, во ноември 1.000 ќебиња пуштив на речната центрифуга. Со текот на времето нормално е дека штиците се гребат и се оштетуваат и потребно е да се сменат, па го реставрирав коритото. Инаку, валавицата е стара над 500 години – додава Ристо.
На Голема Река своевремено имало над 10 валавици, 10 воденици, сите распоредени на два километри. А денес има уште неколку валавици што се во функција.
– Отсекогаш домаќински работевме. Татко ми го водеше бизнисот, ама сите помагавме. Од 1978 година јас ја презедов, но паралелно одев на работа.
Во 1996 година ја напуштив работата и комплетно му се посветив на занаетот. Немаш ни пат за без проблем да пристигнеш тука. Сѐ се одвиваше бавно. Прво пријатели што слушнале дека имам и валавица сакаа да исперат, им излегував во пресрет. Не сакав да земам пари. Но потоа го направија патот, се направи инфраструктура и решив да ѝ се посветам комплетно на валавицата. Почнав од дома да им ги земам работите, да ги исперам, исушам и да им ги вратам. Значи, комплетна услуга. Сѐ што е потребно е само да го извадат ќебето од шкаф или тепихот од дневна и толку, потоа настапуваме ние. И сега еве одлично ни оди. Илјадници ќебиња годишно се вртат во коритото. Еве имавме 500 само од градинка, па во два дена ги исправме. Ни носат од болници, градинки, домови. Со син ми заедно работиме, па се надевам и тој ќе ја продолжи традицијата. Јас уживам додека сум овде, ме релаксира работата. Природата е убава, воздухот свеж – раскажува Ристо.
Валавицата е музеј на отворено. Задолжително треба да се зачува и заштити. Многу туристи доаѓаат само да видат како се работи, на кој принцип функционира валавицата, како се перело во едно време.