Познатиот српски актер, продуцент и водител Никола Ѓуричко со своето стендап-шоу „Сè што сте сакале да знаете за Џони а не сте смееле да го прашате“, на 15 ноември гостува во Скопје. Шоуто ќе се одржи во Домот на АРМ, а следниот ден, на 16 ноември, штипјани ќе имаат можност да се насмеат до солзи на неговите шеги.
– Кога наполнив 40 години, една од роденденските одлуки ми беше да направам свое стендап-шоу. Многумина од пријателите ме советуваа да го сторам тоа. Се надевам дека не беа само љубезни. На 9 јули наполнив 43 години. Што се случи и зошто ми беа потребни три години? Можеби животот ме прегази? Знам само дека материјалот цело време ми беше подготвен. Но признавам дека малку бев уплашен. Како и да е, јас настапувам – вели Никола Ѓуричко.
Во „Сè што сте сакале да знаете за Џони а не сте смееле да го прашате“ познатиот актер дава одговор на прашањата: за колку пари ги продавал туристичките аранжмани за Хаваи, што морал да пее во прво одделение, зошто носел хеланки, како добил две наградни излегувања во град и многу други интересни работи. Ѓуричко во својот стендап објаснува и како правилно се користи кондом и што не смее никогаш да се става во очи.
Стендап-шоуто на Ѓуричко веќе две години се прикажува во регионот, а конечно дојде и кај нас.
„Ивкова слава“, „До коска“, „Ќе се вратат штрковите“, „Зона Замфирова“ се само некои од филмовите и сериите во кои глуми познатиот актер.
Гостувањето на Ѓуричко во Скопје и во Штип е во организација на „КМК-продукција“.