Италијанскиот писател Роберто Савиано е меѓу првите луѓе од пописот на озлогласената неаполска мафија Камора што сака да ги тргне од светов
Роберто Савиано на мафијашката црна листа стигна со нефикцискиот роман „Гомора“, кој е објавен во 2006 година, каде што тој разоткрива некои работи и секојдневието на неаполската мафија. „Гомора“, по која подоцна се снимени и телевизиската серија и филмот, го претвори Савиано во еден од најголемите борци против мафијата, но тој ни самиот не верува дека таа битка може да се добие.
– Не мислам дека мафијата може да биде уништена, таа е една од најефективните европски организации – вели 39-годишниот книжевник, уверен дека италијанските мафијашки организации се прошириле надвор од италијанските граници.
Па, што го движи тогаш?
– Лутењето и амбицијата. Амбицијата да им кажам „не, не ме скршивте“. Значи, и лично е. Но тука е и желбата тие приказни да му се раскажат на светот – изјавил тој во разговор за агенцијата ДПА, кој го пренесе Т-порталот.
Савиано веќе 13 години живее под 24-часовна полициска заштита.
– Двајца има надвор дури и сега кога разговараме, но се обидувам да не мислам на тоа – рекол, додавајќи дека животот под секојдневен надзор не е „привилегија, туку трагедија“.
Сите свои движења тој мора да ги најави два дена однапред за да можат неговите телохранители да ги прегледаат местата што планира да ги посети. Не смее да вози велосипед, автомобил или мотор, да има редовни обврски, како неделни предавања или курсеви. Не смее да оди ни во кино, освен ако салата не е резервирана само за него. Имало случаи кога не го пуштале во авион затоа што авионските компании „се плашат дека другите патници поради него би можеле да имаат стресно патување“.
– Таквите ситуации ве убиваат. Не ми е страв да умрам, туку да продолжам вака да живеам. Не е дека сум особено храбар, но кога толку многу слушате за сопствената смрт, почнувате на неа да гледате како на нешто што е готово и да не ве засега – истакнал тој.
„Мафија“ е всушност единствениот назив за најмалку три италијански групи на организиран криминал: неаполската Камора, сицилијанската Коза ностра и калабриската Ндрангета. Савиано често вели дека мафијашите не се само италијански феномен туку и германски, француски, шпански и приговара дека Европа не е свесна за тоа. Тврди дека Германија и другите европски земји се во состојба на големо негирање, во размери до кои италијанската мафија се инфилтрирала во нивното општество.
– И понатаму мислат дека тоа е проблем што доаѓа однадвор – вели тој.
Во Италија, Савиано е личност што предизвикува длабоки поделби. Левицата го почитува како храбар интелектуалец, а десницата му забележува дека дели ум и непотребно ги троши полициските ресурси. Подолго време е во кавга со Матео Салвини, лидерот на крајната десна Лига и министер за внатрешни работи.
– Никогаш не сме имале влада што е помалку антимафијашка од оваа – изјавил неодамна Савиано.
Тој тврди дека рестриктивната мигрантска политика на актуелниот министер „ќе ги испрати мигрантите на црниот пазар и со тоа ќе ги претвори во оружје во рацете на мафијата“. Салвини, пак, му одговорил со закана дека ќе му ја укине полициската заштита. Савиано го доживеал тоа како предупредување.
– Тоа би требало да ме заплаши. Ако продолжиш да ме напаѓаш, ќе те оставам сам. Но тоа нема да му успее – одговорил тој.