Давид Темелков со нова песна и спот го прославува роденденот
Автори на текстот и на музиката се Миро и Соња Буљан, а препевот на македонски го направи Давид Темелков. Тој го режираше и спотот за „Не кревај раце“, кој е снимен на Истра
Денеска, на овој прв летен ден, кога се одбележува и Светскиот ден на музиката, Давид Темелков, Македонец што веќе десетина години гради успешна музичка кариера во Хрватска, го прославува и својот 29-ти роденден. Токму затоа, тој на своите обожаватели и поддржувачи им подарува нова песна и спот, кој самиот го режираше. Станува збор за „Не кревај раце“ („Ne dizi ruke“), која е снимена на македонски и на хрватски јазик, за која музиката ја напиша Миро Буљан, текстот е на Соња Буљан, а препевот на македонски го направи Давид Темелков.
Што се случуваше со вас изминатата пандемиска година?
– И покрај тоа што коронавирусот многу нѐ закочи сите што сме во музичките води, јас, сепак, не седев со скрстени раце, снимав, работев, го сменив имиџот и најважно од сѐ отворив своја дискографска куќа, „Ајдентити медија“, која веќе има партнерски договори, во Хрватска со „Менарт“ и во Србија со „Хит рекордс“. Во духот на времето во кое живееме, наше мото е: „Никогаш не губи го идентитетот“. Работиме од 1 јануари и досега под ова име го објавив синглот „Огледало“, заедно со интересна видеоприказна, а еве сега и вториот „Не кревај раце“. Во план е во септември и во октомври да издадам две нови песни и една пред Нова година. Инаку веќе имам снимено петнаесетина нови композиции, што ќе се најдат на мојот втор солистички албум. За разлика од првиот носач на звук „Дишам за нас“, на кој соработував со Миросав Рус, сега Миро Буљан ми ги пишува песните. Тој е врвен композитор и аранжер, односно комплетна личност.
Каде се снимаше спотот за „Не кревај раце“ и по што тој е посебен за вас?
– Интересно е дека мојата долгогодишна девојка Елена ми е главна глумица во спотот, кој, верувале или не, целосно е снимен со мобилен телефон, во монтажата имав помош, а режисер сум јас самиот. Инаку таа е телевизиска водителка, заедно сме веќе шест години и ми е огромна поддршка во сѐ. Имав мала незгода, пред снимањето скршив нога, но, за среќа, тоа не се забележува во кадрите. Снимавме на Истра, во Водњан, Ровињ и во Пула. Всушност, ова е наша автентична приказна, бидејќи Елена е од Истра, поточно од Водњан, па во видеоприказната ја овековечивме и нејзината улица.
Какви промени донесе „Ајдентити медија“ во вашиот живот и во професионалните ангажмани?
– Имам чувство како да бев врзан и сега ми се ослободија рацете и грабам напред, всушност летам. Имама нова пиар-агентка, Ивана Чориќ, а работам во Загреб, зашто таму има подобри услови, бидејќи Хрватска е дел од ЕУ, па полесно можам да договарам концерти, настапи, можам да работам и со други изведувачи, да организирам разни настани. Плус за мене е тоа што завршив и факултет за музичка продукција, што секако ќе ми биде од помош.
Никогаш не сум замислувал ваква промена, но во еден момент Господ сакаше да се случи тоа. Секако, никој не може сѐ сам, но барем чесно ќе работам со мојот нов тим. Што и да се случи, сакам образот да ми остане чист.
Освен љубовта што ја добивате од публиката, каде ја црпите силата?
– Ме прифатија во Хрватска, ја имам поддршката од публиката, но сѐ уште ми даваат помал медиумски простор од оној на хрватските изведувачи. Се надевам дека наскоро ќе биде многу подобро. Она што ме одржува во живот, што ме тера да се разбудам со нова енергија, тоа се моето семејство, родителите и сестра ми Јана, а во Хрватска имам огромна поддршка и од семејството на мојата девојка Елена, кое ме прифати како некој свој. Тука се и пријателите, соработниците…
Што е најново на планот на настапите во регионот?
– Па соработката со соработници од регионот е сѐ поактивна. Деновиве, на пример, бев гостин на Радио С, во Србија, каде што мојата претходна песна „Огледало“ помина одлично. Исто така бев гостин во проектот „Звезде певају звезде“, а во Белград ги почнав и промотивните активности за новата песна „Не кревај раце“. Во петокот имав настап во Ќуприја, во близината на Ниш, а на повидок се и други гостувања на просторот на некогашна Југославија. Но моја голема желба е да настапам и во Македонија летово, на некоја отворена сцена.
Деновиве добивте интересна понуда за одржување на вашиот прв солистички концерт во Хрватска, и тоа во Нова Градишка.
– Да, не ми се веруваше, од толку многу градови во Хрватска ми се јавија токму од Нова Градишка, кобното место за нашиот Тоше Проески, таму да одржам солистички концерт на 12 август. Ќе го отворам годинашното „Новоградишко лето“ и ќе пеам пред 40.000 луѓе два часа, а по мене настап ќе има групата „Парни ваљак“. Планирам да направам еден сплет од песните на Тоше, кои многу ги сакам, за таа пригода, а меѓу нив секако ќе биде и „Илузија“ на композиторот Кире Костов, која како да е за мене пишувана.
Велите дека Македонија ви е срцето, каде и да сте. Дали можеби ви е инспирација да ѝ посветите песна?
– Се разбира, тука се моите корени. Колку сум подалеку од Македонија, толку повеќе слушам македонски стари изворни песни. Мене ми е чест и задоволство што сум пораснал со такво музичко наследство. Се осмелив и самиот да напишам песна за Македонија, автор сум и на музиката и на стиховите, па кога ќе се наместат коцките ќе ѝ ја претставам на јавноста. Како лавина од емоции таа едноставно излезе од мене.
Го следите ли Европското фудбалско првенство деновиве?
– Се разбира, спортот е неразделен дел од мојот живот. Секој од нас се соочува со победи и порази во животот, но треба да бидеме скромни во победата и цврсти во поразот. Секоја загубена битка е една научена животна лекција. Но и самото наше учество на ова првенство е победа. Еве ќе ви откријам една моја голема желба, посакувам да ја пеам македонската химна на Светското првенство во фудбал. Дај боже да се квалификуваме и дај ја испеам цела со сите строфи и никој да не ми пререче за тоа.
Што најмногу посакувате да ви се случи?
– Само можам да си посакам да бидам подготвен кога Господ ќе ми го даде тоа што ми е судено…