Во постојан напор за зголемување на претплатниците, „Нетфликс“ тестира построг пристап до корисниците што споделуваат лозинки со некого надвор од истото домаќинство. Голем број корисници пријавија дека „Нетфликс“ неодамна ги замолил преку е-пошта или СМС да потврдат дека се сопственици на корисничката сметка.
Портпаролот на „Нетфликс“ минатата недела потврди дека во тек е построго испитување на корисничките сметки.
– Ако не живеете со сопственикот на оваа сметка, ќе треба да имате своја за да продолжите да гледате – гласи предупредувањето што им се појавува на одделни корисници.
Потоа им се нуди опција да добијат код за верификација преку е-пошта или порака за да докажат дека тие се вистинските сопственици. Јавна тајна е дека луѓето ги делат трошоците за претплата. „Нетфликс“ често испробува разни можности и содржини, но не ги применува сите. Иако овозможува да се креираат повеќе профили на една сметка, тие може да ги користат само членови на исто домаќинство. Но јавна тајна е дека многу корисници ги делат трошоците за претплата меѓу повеќе домаќинства.
„Нетфликс“ бележи пораст на претплатници во текот на пандемијата. Во моментот има над 200 милиони претплатници во светот, од кои речиси 37 милиони од минатата година. Не е познато колку корисници ги споделуваат своите податоци за пристап со пријателите, што засега сè уште е дозволено.