Според израелските истражувачи
Неодамна Израел започна да нуди вакцинација со трета доза за лица постари од 60 години, како дел од напорите да се забави ширењето на многу заразниот делта-сој на коронавирусот. Тоа го претвори Израел во полигон за испитување на третата доза пред да биде одобрена од Американската администрација за храна и лекови (ФДА). Најголемата израелска здравствена установа, „Клалит“, претходно објави дека вакцинирала повеќе од 240.000 луѓе со третата доза на „Фајзер/Бионтек“.
Околу 4.500 луѓе што ја примиле третата доза од 30 јули до 1 август одговарале на прашања и биле вклучени во истражувањето. Осумдесет и осум проценти од учесниците во студијата рекле дека се чувствуваат „слично или подобро“ во деновите по добивањето на третата доза во споредба со тоа како се чувствувале по втората доза. Триесет и еден процент пријавиле некои несакани ефекти, а најчеста била болката на местото на инјектирање. Околу 0,4 проценти од испитаниците рекле дека страдаат од тешкотии при дишењето.
Шефот на одделот за истражување на „Клалит“, Ран Балисер, рече дека резултатите, иако се „првични и самопријавени“, овозможуваат споредба на несаканите ефекти од втората доза и излегува дека во повеќето случаи тие се слични или помали од третата доза.
– Иако сѐ уште немаме долгорочно истражување за ефикасноста и безбедноста на третата доза, за управување со личниот ризик кај сите постари од 60 години, овие наоди и понатаму укажуваат на придобивките од вакцинацијата, со претпазливост кај возрасните и избегнување собири во затворен простор – истакнува Балисер.