Тим истражувачи од медицинскиот колеџ „Бејлор“ во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, создале нервен имплант кој им овозможува на слепите лица да ја „видат“ формата на буквите. Имплантатот овозможува слики направени од камера директно да стасаат до мозокот.
Овој имплант овозможува да се „заобиколат“ очите, при што визуелните слики се пренесуваат преку камера директно до мозокот, благодарение на имплантот, објаснува „саенс алерт“, пренесува „Ен 24 њуз“.
Оваа „визуелна протеза“, како што ја нарекуваат истражувачите, би можела во иднина, по повеќе студии и експерименти, да им овозможи на луѓето со оштетен вид или на оние кои дури и ослепеле да си ја вратат целосната визуелна способност. Дури и земајќи ги предвид ограничувањата на сегашната технологија, научниците постигнале можност за пренесување на комплексни низи на електрични импулси до мозокот.
– Кога користевме електрична стимулација за динамично следење на буквите, директно на мозокот на пациентите, откривме дека тие можат да формираат букви и правилно да ги идентификуваат – објаснува Даниел Јошор, истражувач кој работи на студијата.
Истражувачите објаснуваат дека имало потреба за промена во начинот на кој учесниците треба да ги следат буквите и затоа избрале да го користат „следењето“ нацртано на дланката.
Покрај можноста за идентификување на контурата на една личност, научниците веруваат дека нивниот имплант може да се користи во секојдневниот живот за да се зголеми степенот на независност во движењето на лицата со оштетен вид. Сепак, уредот сè уште не ги постигнува потребните перформанси за таква задача, бидејќи мозокот е исклучително комплексен орган.
– Примарниот визуелен кортекс, каде што беа вградени електродите, содржи половина милијарда неврони. Во оваа студија, стимулиравме само мал дел од овие неврони со ограничен број на електроди – објаснува Мајкл Бичамп, главен автор на студијата.