Благодарение на проектот за реконструкцијата и градењето домови за семејства со деца што живеат во тешки и нехумани услови „Топол дом за сите“, кој со помош на донации го организира здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“, неодамна се отворија вратите на првата куќа во која ќе живее шестчленото семејство Симоновски од Скопје.
– Работата на проектот „Топол дом за сите“ ние како здружение ја претставивме лани во декември, заедно со музички спот за поддршка на целата кампања, кога и ги најавивме нашите намери да собереме средства за реконструкција на 10 куќи, кои би ги реновирале или изградиле во цела Македонија – објаснува Кристина Арнаудова, продуцентка, авторка и главна менаџерка на целиот проект и претседателка на здружението „Проект среќа“.
На повикот за хуманост одговориле неколку фирми од Гевгелија, кои се пријавиле како главни донатори за градежните работи за реновирање на целата куќа.
– Во февруари започнавме со изградба на првата куќа, на семејството Симоновски од Скопје, од населбата Ѓорче Петров. Станува збор за самохран татко на пет мали деца. Од неколку компании дојдоа со своја екипа и со неверојатен професионализам и со употреба на најквалитетни материјали ја реализираа изградбата од подот до покривот. Во текот на градбата се јавија и други фирми што сакаа да учествуваат, па на 10 март завршивме со комплетната изградба на целата куќа, која претходно беше во многу лоша состојба, поточно беше во фаза на карабина, без електрични и водоводни инсталации – објаснува Арнаудова.
Додека се градела куќата, семејството било сместено на друго место, па изненадувањето и среќата на нивните лица, кога првпат ја виделе нивната реновирана куќа, не можеле се опишат со зборови.
– Тие деца, кои спиеја на под, без тоалет, без елементарни услови за живот, првпат имаат своја соба, кревети, тоалет, вода, струја и сѐ што еден дом треба да поседува. Нашата среќа беше уште поголема, бидејќи успеавме да го направиме она што го замисливме токму така како што сметавме дека треба. Поради кризата со коронавирусот, нашите активности се моментално запрени, но се надеваме дека наскоро ќе продолжиме со нашиот проект и со нашата мисија – вели Кристина.
Таа, заедно со својот тим, веќе ги одбрала следните 10 семејства на кои ќе им биде сменет животот од корен, бидејќи првпат ќе добијат вистински дом.