Пандемијата на коронавирусот сосема сигурно кај секого од нас предизвика некаква грижа и тегобност. Каква било закана за здравјето претставува стрес, а начинот на кој се соочуваме со него зависи од секој поединец. Додека некои развиваат уште поголем страв и необично однесување со кое се обидуваат да ја контролираат ситуацијата, други на сѐ што се случува реагираат како ништо да не се случува.
Психологија на стравот
Она што е очигледно во целата оваа ситуација е фактот дека коронавирусот, сепак, не е сличен со сезонскиот грип, како што многумина тврдеа. Во прашање е поопасен вирус, кој сѐ уште не е доволно истражен и кој предизвикува смртност кај одредени ризични групи луѓе, а исто така и многу брзо се шири. Во вакви околности разбирливо е што луѓето се уплашени. Светската економија се урива, луѓето остануваат без работа, а некои панично купуваат резерви храна и маски за лице. Зошто се случува тоа? Одговорот може да се пронајде во психологијата на стравот, која нагласува дека причината за ваквото однесување е „комбинација на погрешно калибрирани емоции и ограничено знаење“. Колку изворот на страв е понепознат, толку перцепцијата на заканата е поголема. Токму затоа луѓето се поподложни на прифаќање лажни тврдења и ширење дезинформации, а со тоа се зголемува глобалниот страв.
Различни реакции на стрес – грижа или игнорирање?
Стресот кај секого од нас предизвикува различни реакции. Професорот по психијатрија и основач на истанбулскиот центар за истражување и терапија на однесувањето, Метин Басоглу, со години ги проучувал емоционалниот и бихевиоралниот одговор на лицата што го преживеале големиот земјотрес што ја погоди Турција 1999 година. Тогаш настрадале 18.000, а биле повредени 40.000 лица. Басоглу вели дека голем број од преживеаните одбиле да се вратат во своите домови, иако биле посигурни од камповите на отворено во кои тогаш привремено престојувале.
Неговиот тим дошол до заклучок дека поттикнувањето на луѓето да се вратат во домовите може да доведе до побрзо оздравување. Така, развиле метода на соочување со посттрауматскиот стрес, што се родила од посматрањето на однесувањето на луѓето. Имено, изложувањето на изворот на стресот може да создаде чувство на контрола над него. Во врска со актуелната пандемија, во која ризиците исто така се непредвидливи и неизвесни, јасно е дека не можете да го контролирате секој поединечен ризик што се појавува во секојдневието, а истовремено да водите смислен, разумен и продуктивен живот.
На некои луѓе не им е грижа за пандемијата
Иако ви изгледа дека некои луѓе се однесуваат неодговорно и сметаат дека сето тоа е измислено, факт е дека тие на тој начин се соочуваат со одреден вид загриженост. Можеби навистина тие не се многу загрижени за коронавирусот, но не е можно животот во карантин и преживувањето во растечката економска криза кај некои луѓе да не предизвика стрес во поголема или помала мера. Голем број луѓе на животните стресови реагираат со игнорирање. Иако на прв поглед тоа изгледаат лежерно и опуштено, зошто ваквиот начин на соочување со стресот сепак не е пожелен?
Причината е во натрупувањето на емоциите. Имено, секој стрес (колку на моменти да изгледа незабележлив) предизвикува одредени негативни емоции, под влијание на хормонот на стрес (кортизол), кои на некој начин мораат да се ослободат. Најздравиот начин на решавање на овие потиснати емоции е разговор со некој близок што ќе нѐ сослуша и ќе нѐ разбере, ама кај оние што ги решаваат проблемите со игнорирање не може да дојде до тоа. Така, негативните емоции остануваат во нив и влијаат на голем број физиолошки промени во организмот, а меѓу другото го намалуваат имунитетот и можат да доведат до неспособност за справување со стресот во иднина и да развијат пасивна агресија.
Како да се поттикнат поединци на одговорно однесување?
Познати психотерапевти наведуваат дека луѓето што ја игнорираат моменталната ситуација треба внимателно да ги слушаме, да откриеме што се случува со нив и што се крие „зад фасадата“. Пред сѐ, сите, и оние што претерано се грижат и оние рамнодушните, треба да се запознаат со биолошката заднина на самиот вирус. Иако не е сѐ доистражено, има работи што можат да се заклучат врз основа на досегашните истражувања. Важно е да се прифати дека не реагираме сите исто и оти кај секого стравот е реален. Никој не треба да се осудува или потценува, бидејќи секој од нас во моментот се бори со голем број проблеми и никому не му е лесно. Во ваква ситуација најважно е да се остане човечен, да не се покажува со прст во другите и да не се бара виновник за она што ни се случува.