Животните форми што постојат на Земјата можат привремено да преживеат во атмосфера слична на Марс, покажа новата студија на НАСА. Ова истражување им дава на научниците увид во можноста за искористување на околината надвор од нашата планета. Заедничката студија на научниците на НАСА и на Германскиот центар за авијација и космонаутика (ДЛР) ја тестираше издржливоста на микроорганизмите откако тие беа лансирани со балони во вселената со услови слични на оние што владеат на Марс. Научниците утврдиле дека некои од микроорганизмите го преживеале патувањето.
– Успешно тестиравме нов начин на изложување на бактерии и габи на услови слични на оние на Марс, користејќи научен балон за да ја пренесеме нашата експериментална опрема на стратосферата на Земјата – рече Марта Филипа Кортесао од ДЛР, водич на студијата.
Студијата за микроорганизми испратени во стратосферата е објавена во списанието „Фронтиерс ин микробиолоџи“.
– Поради долгорочните мисии на Марс, треба да знаеме како би преживеале микроорганизмите на Црвената Планета, бидејќи некои од нив може да претставуваат здравствен ризик за астронаутите. Покрај тоа, некои микроби може да бидат непроценливи за истражување на вселената. Тие може да ни помогнат да произведуваме храна независно од Земјата, што е клучно кога сме далеку од нашата планета – изјави авторот на студијата Катарина Сиемс од германскиот центар за авијација и космонаутика.
Микробите беа лансирани во „Марсбокс“, кој се одржуваше под притисок еквивалентен на атмосферата на Марс и кој беше полн со вештачка атмосфера во текот на целата мисија.
– Испратени се два слоја примероци, а долниот слој беше заштитен од зрачење. Ова ни овозможи да ги одделиме ефектите на зрачењето од другите тестирани услови: сушење, атмосфера и температурни флуктуации во текот на летото. Примероците од горниот слој беа изложени на над илјадапати поголемо УВ-зрачење од нивото што може да предизвика изгореници на нашата кожа – објаснува Кортесао.
Студијата открила дека иако не сите микроби го преживеале патувањето, црната мувла (аspergillus niger) можела да го продолжи животот по враќањето. Истата мувла претходно беше откриена на Меѓународната вселенска станица.
Истражувањето ја нагласува важноста на микробите во истражувањето на можностите за живот и преживување на луѓето надвор од нашата планета.