Режисерот на хитот „Највс аут“, Риан Џонсон, во интервју за „Венити фер“, откри една занимливост поврзана со користењето ајфон во филмовите. Имено Џонсон вели дека „Епл“ дозволува користење на своите мобилни телефони, но забранува да ги користат негативците во филмот.
– Уште една смешна работа. Не знам дали смеам да го кажам тоа или не. Не затоа што е ласцивно или нешто така, туку затоа што ќе ми го заглави следниот филм што го работам. Ма заборавете, ќе кажам. Многу е интересно. „Епл“ дозволува користење на своите мобилни телефони, но забранува да ги користат негативците во филмот, поради тоа секој филмаџија што во својот филм има таен негативец сега сака да ме убие – раскажа Џонсон.
Значи, ако не сте го гледале „Највс аут“, жал ни е, според оваа логика Џејми Ли Кертис не е негативка ниту убиец, бидејќи во филмот користи ајфон икс-ес или некој понов.
„Епл“, инаку, е познат по стриктните правила за тоа како се користат нивните уреди, како се прикажуваат и фотографираат. Како дел од своите правила поврзани за заштитните знаци и авторските права, „Епл“ вели дека нивните производи мора да се прикажуваат само во најдобро светло, во контекст што е поволен за нивната компанија.