Васил Хаџиманов за проблемите со кои се соочува во изолација
Светски познатиот џез-пијанист Васил Хаџиманов, синот на македонскиот пејач, глумец и писател Зафир Хаџиманов, кој веќе 50 години живее и работи во Белград, Србија, со својата сопруга Сенка Велетанлиќ, во моментот е без ангажмани поради актуелната пандемија на коронавирусот. Веднаш откако во Србија беше прогласена вонредна состојба, тој се огласи на социјалните мрежи со совети за граѓаните за вирусот корона, апелираше луѓето да се однесуваат одговорно и да не паничат, бидејќи состојбата е вонредна, но не е воена.
– Има две групи население, оние што панично купуваат тоалетна хартија и оние другите што се однесуваат како да не постои светска пандемија на смртоносен вирус. Ни едните, ни другите не ги разбирам. Упатствата се јасни и тука нема голема филозофија. Седите дома, го намалувате во целост контактот со другите, со саканите го сведувате на минимум, а теориите на заговор ги оставате за периодот кога сево ова ќе заврши – вели Васил Хаџиманов.
За да им го олесни на луѓето престојот дома, тој свиреше и пееше со ќерката Марта, во рамките на фејсбук-групата „Со приказна е полесно“, реализира и онлајн-настава за свирење пијано. Но и покрај сите тие активности, впрочем како и голем број од нас, тој имал мигови на криза периодов, поради тоа што е во карантин.
– Понекогаш имав криза, но брзо ја пребродував со фокусирање на нешто креативно и сосема различно од ситуацијата во која сум. Луѓето мораат да бидат информирани, но целодневното занимавање со ковид-19 е поразително, можеби повеќе и од самиот вирус – открива тој како се бранел од лошите вести.
А што се однесува до инспирацијата во вакви невообичаени услови за еден уметник, Хаџиманов вели дека вистинскиот уметник секогаш има инспирација. Тоа не е заради тоа што јас инспирацијата ја добивам во чинија затоа што сум талентиран, туку затоа што секојдневно вредно работам и низ тој процес пронаоѓам инспирација за нови дела. Кај мене тоа е исто во карантин или без него – истакна познатиот музичар.
Откажаните концерти, фестивали, промоции, затворените музички продавници предизвикаа големи загуби и во музичката индустрија, во глобални рамки, кои се мерат со милијарди долари. Сепак, тој гледа можности за надминување на состојбата.
– Сигурен сум дека полека сѐ ќе се среди, но сѐ уште не знам како ќе изгледа сето тоа? Во музичката индустрија уште одамна работите се свртени наопаку и единствениот извор на заработка за голем број мои колеги се живите настапи пред публика, особено ако станува збор за џез, рок и алтернативна музика од кој било вид. Сега сите имаме голем проблем, и не само ние музичарите. Затоа би било убаво нашата публика да сфати каква е сега нашата позиција и да нѐ поддржи во борбата за опстанок. Но, за жал, од државата не очекувам многу, иако некои други држави веќе креираат сериозен план за финансиска помош на слободните уметници.
Како и да е во овој миг онлајн-концертите се еден од можните извори на приходи, па апелирам до луѓето, доколку се создадат услови за тоа, да платат карта за овие настапи. Едно е да се крева моралот и да се придонесе за совладување на оваа тешка состојба, секој на свој начин, но сосема друго е константно да се очекуваат бесплатни содржини од музичарите, кои сега немаат никакви приходи, освен тие онлајн-настапи – тврди Хаџиманов.
Васил неодамна доби награда за најдобар џез-пијанист на електричен клавир, а неговиот бенд го освои второто место во категоријата за најдобра џез-група во рамките на традиционалниот американски избор „Џез стејшн авардс“. Хаџиманов е и автор на музиката за телевизиските серии „Калап“ и „Долг кон морето“ на „Монтеројал пикчрс“.