Новите модни трендови водат до тоа секоја година да се фрла големо количество облека, а сето тоа има огромно влијание врз животната средина. Поради тоа се поставува прашањето дали можеме облеката што сакаме да ја фрлиме да ја претвориме во нешто корисно.
Според истражувањето спроведено од социологот Софи Вудвард од Универзитетот во Манчестер, луѓето купуваат премногу облека. Во просек 12 проценти од облеката во женските плакари, жените воопшто не ја носат и повеќето од нив целата облека што не ја носат ја фрлаат во ѓубре.
Голем притисок врз природните ресурси
Во САД, 85 отсто од облеката, што е приближно околу 13 милиони тони, се фрла во депонии или се согорува. Се проценува дека просечниот Американец фрла околу 37 килограми облека секоја година. На глобално ниво, пак, се проценува дека годишно се фрлаат 92 милиони тони облека, а до 2030 година се очекува годишно да се фрлаат 134 милиони тони.
Ова количество отпад врши голем притисок врз природните ресурси, како што се водата и загадување на животната средина и ги деградира екосистемите. Модната индустрија е одговорна за десет проценти од сите емисии на стакленички гасови и 20 проценти од глобалната отпадна вода.
Во исто време, купуваме повеќе облека од кога било. Просечниот потрошувач сега купува 60 проценти повеќе облека отколку пред 15 години. На глобално ниво, секоја година се купуваат 56 милиони тони облека, а се очекува овој број да се зголеми на 160 милиони тони до 2050 година.
Моментно, само 13,6 отсто од отфрлената облека и обувки во САД се рециклираат, додека просечниот Американец фрла 37 килограми облека секоја година. На глобално ниво, само 12 проценти од материјалот се користи за рециклирање облека. На пример, поголемиот дел од рециклираниот полиестер доаѓа од пластични шишиња, а не од стара облека.
Може ли да помогне рециклирањето облека?
Исто така, голем дел од проблемот се сведува на тоа од што е создадена облеката. На пример, сто проценти памучна маица содржи многу други компоненти, како што се налепници и конец, изработени од друг материјал. Поради тоа, тешко е да се одделат за да бидат ефикасно рециклирани. Разделувањето на текстилот и различните видови влакна рачно е интензивно, бавно и бара квалификувана работна сила. Растот на употребата на современи мешавини на ткаенини во облеката исто така го отежнува механичкиот процес.
Во моментов има многу малку облека што е испратена за рециклирање и претворена во нова облека. На пример, старите волнени чорапи може да се претворат во теписи, кашмирот може да се рециклира во костуми. Но од 2015 година, помалку од еден процент од користената облека е рециклиран на овој начин. За да се намали количеството фрлена облека, најдобро е да им се донира на хуманитарни здруженија.
Во фабриката за сортирање и рециклирање облека „Оксфам“ во Бетли, Јоркшир, Велика Британија, секоја недела поминуваат 80 тони стара облека. Лорен Нидам Рид, менаџерката за управување со отпадот на „Оксфам“, работи во фабриката повеќе од десет години. Меѓутоа, со текот на времето, таа забележала вистински пад на квалитетот на облеката што им пристигнува, особено кога станува збор за материјалите од кои е направена.
Повеќето од парчињата облека се испраќаат на рециклирање на некој начин, но околу шест тони облека се со толку лош квалитет што тие едноставно се распаѓаат. Технологии за рециклирање на влакната постојат, но се користат само во мала мера. Некои од модните брендови, како што се „Адидас“, „Зара“, „Ејч енд ем“, веќе имаат воведено продажба на рециклирани производи.
Но рециклирањето не е единственото решение. Според експертите, клиентите мора да ги променат своите потрошувачки навики и да купуваат облека кога навистина им е потребна.