Истражувачите од британскиот центар за истражување на Антарктикот (БАС) соопштија дека под ледените површини откриле траги од живот на одредени видови сунѓери и потенцијално неколку досега непознати видови животни.
Откритието е објавено во списанието „Фронтиерс ин марин сајенс“, а членовите на истражувачкиот тим ги открија деталите од истражувањето на официјалната веб-страница.
Имено, за време на редовните активности, истражувачите издупчиле 900 метри ледена површина во длабочините во областа на ледената плоча наречена Филхнер-Рон, која се наоѓа во северозападниот дел во близината на Веделово Море.
Како што се наведува во истражувањето, на длабочина од 900 метри, во област што е во целосен мрак, научниците откриле постоење на неподвижни видови животни како сунѓери и неколку видови што не можеле да ги идентификуваат, но навеле дека ги нашле прицврстени на карпите на морско дно.
– До ова откритие наидовме сосема случајно. Сè што можевме да видиме досега јасно ни покажува дека морскиот живот на Антарктикот е неверојатен и приспособен на временските услови на континентот – изјави водачот на проектот Хју Грифитс.
Грифитс исто така вели дека ваквото откритие носи со себе нови прашања што се однесуваат, пред сѐ, на потеклото на овие животни и како и кога тие навистина пристигнале во областа.
– Мора да најдеме начин подобро да ги запознаеме овие видови животни и нивната околина. Меѓутоа, тие се на 900 метри под мразот и 260 километри оддалечени од бродовите во нашите лаборатории. Тоа значи дека како научници мора да најдеме нови начини да ги проучиме овие видови, за да добиеме одговори на сите прашања што нѐ вознемируваат во моментот – заклучува Грифитс.