Вера Милошевска и Оливер Јосифовски, срцето и душата на групата „Љубојна“, секогаш пред себе поставуваат тешки креативни предизвици, со кои уште подлабоко нурнуваат во музиката, ниниот модус вивенди, и секогаш, одново и одново и себеси, и секако, публиката ја изненадуваат со нови изблици на нивната дарба, нови песни, албуми, концерти, преработки… кои ги изигнуваат скалило повисоко во потрагата по совршениот звук.
Така беше и вчеравечер на нивниот прв анплагд концерт во кариерата, што се одржа во полната сала на Националната Опера и Балет во Скопје.
И токму како што најавија, дека акустичното е за мерак, а секој стих и испеана нота е здив на љубовта, бевме дел од магичен концерт во кој, пред сѐ, со сето свое битие уживаа Вера и Оливер, а заедно со нив и пејачите и врвните музичари кои ги придружуваа на сцената.
Насмевнатите лица и сјајот во очите кај сите нив беше доказ оти тие се свесни дека се дел од еден уникатен концерт и по својот квалитет, но и по енергијата, со која сите беа поврзани.
И нота, по нота сите станавме дел од оваа волшебна музичка приказна, уште од првите звуци на песната „Горо ле горо“, што „а капела“ ја испеја Вера, уште еднаш инпресионирајќи нѐ со својот прекрасен, истовремено и нежен и моќен глас. Но и самата бина, со помош на „3 Де“ студио беше жива и наликуваше на шума во сите годишни времиња, на крајот забелена од снег.
Ја слушнавме и нивната нова песна „Севдо ле“, па „Горки чувства, слатки немиори“, со која пејачката навлегува и во авторските води, по што следеа добро познатите „Излегув да се прошетам“, „Чупи костурчанки“, „Елено ќерко“ и многу други…Секоја мало ремек дело, од почеток до крај.
Оливер цело време незабележливо ги координираше музичарите, а Вера, пак, и даваше темпо на секоја своја изведба, поттикнувајжи ја публиката да аплаудира во ритам. Облечена во црвена впечатлива креација, таа песните ги украсуваше со својот суптилен танц, со кој стамено се движеше на сцената.
Со својата интерпретација на прекрасните песни „Љубојна“ ни покажаа како со врвна умешност се чува и надградува традиционалната македонска музика, а истовремено со одличните аранжмани и авторски теми, се поврзува со актулените трендови и се спојува со звуците од повеќе страни на светот.
Некаде при крајот ја слушнавме и новата оесна „Те љубам“ специјално напишана за овој концерт, која по вторпат беше изведена за да го означи крајот на оваа вечер за паметње.
Иако освен аплаузите во такт со музиката, публиката немаше шанса да запее, тоа сепак се случи во „Лено мори“, без која не може да се замисли ниеден настап на „Љубојна“, кога многумина станаа од своите седишта понесени од атмосферата.
Се надеваме дека Вера, Оливер и нивните соработници уште долго ќе ни приредуваат вакви љубовни концерти, од чија убавина ти навираат солзи во очите. И редно време е овие маестрални изведби да ги слушне и публиката во регионот и пошироко.
Концертот го снимаше ТВ 24, а најверојатно ќе биде издадено и дивиди.