Кога ќе помислиме на претстојните празнични денови, пред себе гледаме дневна соба во која светка накитена елка, топло какао или чај, пуканки, топло ќебе и маратон од новогодишни филмови, додека надвор врне снег. Бидејќи Нова година е сѐ поблиску, за вас ги издвоивме најдобрите новогодишни филмови, со кои ќе можете да си ги направите претстојните празнични денови уште поубави.
„Вистинска љубов“
Доколку имате во план да ја минете новогодишната ноќ во романтична атмосфера, заедно со вашиот партнер, или можеби сами, овој филм е вистински избор. Станува збор за комедија, која долго е на листата на најубави новогодишни филмови. Ова е приказна за осум двојки, кои се сосема различни и се борат со сите критични ситуации и проблеми. Дејството е сместено во Лондон, пет недели пред Божиќ, а сите парови сакаат своите несогласувања и проблеми да ги решат до Нова година. Дали на крајот сѐ ќе биде во ред, ќе дознаете ако го погледнете филмот.
„Форест Гамп“
Еден од најдобрите филмови на сите времиња, кој истовремено ќе ве насмее до солзи, но и ќе ве расплаче. Оваа трагикомедија се врти околу ментално заостанатиот младич Форест Гамп, кого го одгледува самохрана мајка. Многумина го сметаат за идиот и го отфрлаат. За среќа, Гамп запознава голем број познати личности, а со текот на времето и тој станува познат. За време на својата животна борба тој се вљубува во девојката што ја знае од детството, која постојано го повредува. Главната улога во филмот ја толкува величествениот Том Хенкс, кој за оваа улога доби „златен глобус“, но и „оскар“ за најдобра машка главна улога.
„Откачениот професор“
Празниците не можат да поминат без Еди Марфи и неговиот хумор, па затоа одлучивме и филм во кој тој глуми да се најде на овој список. Професорот Шерман е дебел, срамежлив, но истовремено и генијален научник, кој се вљубува во професорката Клара, која е нова во училиштето. И таа да се вљуби во него, тој решава да ослабне, но бидејќи стандардните методи како гимнастика и диета кај него не помагаат, се концентрира на создавање волшебен напиток за слабеење. И му успева, но тоа претставува проблем, бидејќи експерименталниот глушец е самиот тој. Кога ја пие напивката е слаб и згоден, но тоа ја менува и неговата личност. Дали ќе успее да ја освои Клара со новиот изглед?
„Елф“
Ова е вистински новогодишен филм, што повеќе од деценија се гледа во текот на новогодишните празници. Станува збор за момче што ќе заталка на Северниот Пол, но Дедо Мраз го прифаќа и го одгледува како негов помошник. Иако отсекогаш се разликувал од другите, тој самиот за себе не помислува дека е дете. По 30 години решава да му ја каже вистината и му соопштува дека всушност е обичен човек, што многу го разочарува. Овој сега веќе возрасен маж, решава да го побара својот вистински татко и тука почнуваат сите перипетии. Филмот е смешен, а можат да го гледаат и децата и возрасните.
„Умри машки“
Иако секогаш се води полемика за тоа дали е ова новогодишен филм или не, фактот дека Џон Меклејн го спасува светот на Бадник, го вклучува овој класичен акционен филм на врвот на листата на најдобри божиќни филмови. Њујоршкиот полицаец Џон на Бадник доаѓа во Лос Анџелес за да ги мине празниците со своето семејство. Стигнува во зградата на корпорацијата „Накатоми“, на прием во чест на новото работно место на неговата сопруга и сосема неочекувано, група меѓународни терористи ја преземаат контролата над зградата, држејќи ги како заложници сите вработени. Тогаш на сцената стапува Џон, со план за спас…