Чувствата што се појавуваат во нас кога дрвјата почнуваат да ги губат своите лисја, кога се менува целата природа и кога почнува еден друг период во нашите животи, ги доживувате и преку гледање на најдобрите играни филмови на сите времиња, кои ја доловуваат убавината на есента на големиот екран.
За време на викендот или по доаѓањето од работа, секој термин е добар да се нурнете повторно во овие филмски класици, во друштво на членовите на вашето семејство, завиткани во топло ќебе, со пуканки и топло чоколадо, нели?
„Кога Хари ја сретна Сали“
Ова е една од најубавите романтични комедии на сите времиња, со незаменливата Мег Рајан во главната улога. Приказната нѐ води низ различни годишни времиња, но посебно место ѝ припаѓа на есента. Се сеќавате ли на сцената кога Хари и Сали шетаат по Централ парк во Њујорк, низ волшебната есенска палета од бои и си играат со сувите лисја?
„Добриот Вил Хантинг“
Американската драма што го вивна Бен Афлек во ѕвездите ја следи приказната на младото момче од Бостон, Вил Хантинг, кое мора да се гледа со својот терапевт, во улогата на Робин Вилијамс, за да избегне затворска казна. Од него учи за животот и за самиот себе, а особено се впечатливи сцените помеѓу нив двајца што се случуваат на бетонската клупа во парк, среде есен.
„Легенда за есента“
Семејството Ладлоу живее во пустелиите на Монтана, а филмот ја следи неговата приказна од почетокот на 20 век до 1960-тите години. На полковникот Вилијам Ладлоу не му се допаѓа начинот на кој Владата ги третира Индијанците и се сели заедно со своите тројца синови што подалеку од американската војска. Синовите Алфред, Семјуел и Тристан, неразделни во детството, еден ден се пријавуваат, против волјата на татко им, како доброволци во Првата светска војна. Емотивен филм што со години го гледаме поради приказната за љубовта, семејството, страста, предавството и надежта. Улогите ги толкуваат извонредните Ентони Хопкинс, Бред Пит, Ејдан Квин и Џулија Ормонд.
„Тоа е голема тиква Чарли Браун“
За оние што во срцето сѐ уште се деца, има ли подобар избор од славниот Чарли Браун во есенско издание? Овој класик од 1966 година е полн погодок, а ќе ги одушеви и најмладите членови на семејството со есенскиот декор, собирањето тикви и валкањето по купиштата суви лисја и ќе ни го прикаже ова годишно време од забавната страна.
„Есен во Њујорк“
Како што кажува и самиот наслов, овој филм ве води низ еден од највозбудливите градови на светот, и тоа во неговото есенско руво. Ричард Гир и Винона Рајдер се доволна причина за гледање на оваа љубовна приказна. Сцените снимени во Централ парк му даваат посебен печат на целиот филм, а наедно и ја назначуваат темата, се гасне животот на една млада девојка.
„Друштво на мртвите поети“
Од почетокот на учебната година во елитното училиште пристигнува професорот Китинг (Робин Вилијамс), па од првите денови на своите ученици им дава до знаење дека нема да ги подучува на класичен начин. Тој од нив бара да размислуваат со своја глава и да се борат за своите ставови, менувајќи така голем број животи. Дејството се случува во есен, а маестралната глума го вбројува овој филм не само меѓу одличните есенски туку и меѓу најдобрите филмови на сите времиња.
„Мирисот на жената“
Во текот на продолжениот викенд во рамките на Денот на благодарноста, млад студент се вработува како асистент на воен ветеран (Ал Пачино), слеп, болен, средовечен човек, со незгоден карактер. Но викендот пред нив донесува изненадување и за двајцата, нови авантури и учење за животот. Сцените на есента ќе ве остават без здив, а генијалната глума на Пачино, за која доби и „оскар“, е шлаг на тортата.
„Имаш пошта“
Списокот го завршуваме како што почнавме – со Мег Рајан, која во својот златен период одушевуваше со своите улоги. Ова е класична љубовна приказна, а во фокусот е топлината на една мала книжарница во Њујорк. Една од најпознатите реченици во филмот гласи: „Не ја сакаш есента? Ми доаѓа да ти испратам букет од моливи и боички, да ја нацрташ, само не ти ја знам адресата“.