Најдлабокиот базен во светот ќе биде отворен годинава во Полска, а неговата најдлабока точка ќе изнесува 45 метри. Базенот се наоѓа во Мшчонув, на околу 48 километри од Варшава, пренесува Си-ен-ен.
Идеално место за професионалните нуркачи, базенот „Дипспот“ ќе има капацитет од осум илјади метри кубни вода, 27 пати повеќе капацитет од просечните базени со димензии од 25 метри.
За неговата конструкција употребени се 1.100 тони челик. Дизајнерите на базенот велат дека ќе биде одличен и за почетници, и за поискусните нуркачи, како и за посетители кои би сакале само да ги користат тунелите за опсервирање.
Но, откако ќе биде пуштен во употреба „Дипспот“ нема да остане најдлабок базен за долго, бидејќи во Велика Британија се конструира базенот „Блу Абис“ кој се верува дека ќе биде пуштен во употреба во 2020 година, а неговата длабочина ќе изнесува 50 метри.