Спортот е најпопуларна форма на забавување и е составен дел од човековата егзистенција илјадници години, уште од моментот кога луѓето почнуваат да живеат во групи и заедници. За разлика од денешните спортски натпреварувања, во минатото тие биле многу брутални, сурови и опасни. Во текот на нив, натпреварувачите честопати се соочувале со опасност од тешки повреди или смрт.

Занимливости

Мезоамериканска игра со топка

Овој древноамерикански спорт бил многу повеќе отколку обична игра со топка. Секој натпревар бил прашање на живот или смрт. Учесниците не се натпреварувале за победа или слава туку за сопствените животи. Во текот на натпреварувањето доаѓало до тешки повреди, како што е кршење на коските, дури и до смрт. Всушност, станува збор за религиски и ритуален натпревар, а губитниците им биле ритуално жртвувани на боговите. Оваа игра првпат се појавила 2.500 години пред нашата ера во Мезоамерика, со што овој спорт е еден од најстарите во историјата на човештвото. Древните американски народи, како што се Маите и Ацтеките, изработувале гумена топка од млечен сок (латекс) од каучуково растение. Оваа гумена топка се користела во натпреварувачката игра, делумно била спорт делумно религиски ритуал. Терените може да се пронајдат на стотина локалитети низ Мексико и Централна Америка.


Трка со коњски кочии

Трката со кочии била најпопуларниот спорт во античкиот свет, вклучувајќи и кај Старите Грци и Старите Римјани. Жителите на големите метрополи, како што се Рим и Константинопол, присуствувале на крвавите трки со кочии. Честопати натпреварувачи од сите краишта на Римската Империја, во замена за голема награда, учествувале во трките, кои речиси секогаш завршувале со смрт на некои од учениците. Ретки биле оние натпреварувачи што успеале да се стекнат со слава и богатство на римските песочни стадиони за тркање. Управувачите понекогаш паѓале под тркала на кочиите или се удирале во камените ѕидови, а безживотните тела биле поздравувани од публиката. Трката со кочии првпат станала општо популарна кај Старите Грци, а овој вид натпреварување било главниот настан на Олимписките игри. По освојувањето на Стара Грција од страна на Римјаните, трката со кочии станала популарна низ целата империја, особено во престолнината, каде што илјадници луѓе биле сведоци на овој крвав спектакл.


Средновековен фудбал

Денешниот фудбал потекнува од повеќе варијанти на игри со топка, во текот на кој се натпреварувале селаните во средновековна Европа. Во текот на ова натпреварување со топка учествувале речиси сите жители на еден средновековен град, притоа натпреварувачите се одликувале со голема суровост, поради што доаѓало до тешки повреди или смрт. Во 14 век се појавуваат локални верзии на натпреварувањето со топка, кои постепено почнуваат да стануваат популарни во европските градови. Оваа архаична верзија на фудбалот била многу популарна затоа што за неа не биле потребни посебни познавања, вештини или опрема. Затоа била достапна за секого, без разлика на неговото потекло, статус или богатство. Два тима од соседните градови се судирале на улиците и терените за да ја контролираат топката, која била изработена од свинска кожа. Бројот на натпреварувачите не бил ограничен и не постоеле правила, единствено било важно топката да се однесе до одредениот гол. Притоа биле дозволени сите средства и методи. Бидејќи головите се наоѓале на оддалеченост од неколку километри, бројот на учесниците достигнувал од стотина до илјада луѓе. Натпреварувањето повеќе личело на безредие, а тешките повреди и смртта се сметале за составен дел од играта.


Гладијаторски борби

Главна цел во гладијаторските борба била да се онеспособи или убие противникот. Во текот на насилните натпреварувања помеѓу гладијаторите, кои честопати биле робови, биле убивани стотици илјади, а според некои податоци дури и еден милион луѓе. Борците не биле сметани за луѓе, туку за орудија што требало да ги забавуваат римските граѓани. Доколку некој од гладијаторите успеел да ја добие наклонетоста на публиката, можел да се надева на милост од публиката, бидејќи таа одлучувала за судбината на живиот поразен натпреварувач. Не е познато потеклото на гладијаторските борби. Се верува дека тие потекнуваат од античкиот обичај при кој за време на погребот на аристократите се бореле двајца робови. Борбата била организирана од страна на роднините на починатиот, за да му оддадат почит. Обичајот бил прифатен од римската елита, која почнала да организира спектакуларни борби во текот на погребните церемонии. Постепено гладијаторските игри биле спонзорирани од римската аристократија, со намера да ја придобијат поддршката на народот. Според некој истражувачи, гладијаторските игри потекнуваат од Етрурците, а подоцна ги презеле Римјаните.