Ристо Ќортошев во спомен на соученицит од гимназијата „Цветан Димов“
Од крајот на 1944 година секоја недела имавме работни акции во или надвор од градот, а масовно учествувавме и на сојузни младински работни акции, вели Ќортошев
Нашата генерација по многу нешта е неповторлива. Младоста ни започна со ослободувањето на земјата. Тоа наложи масовно учество во обновата и изградбата на ФНР Југославија. Учевме без учебници, со прибелешки, секоја недела одевме на локални работни акции. Учествувавме на сите манифестации во, и надвор од училиштето, на сите сојузни младински работни акции. Станавме фактор за формирање на некои нови факултети на Скопскиот универзитет, а 90 отсто од генерацијата бевме академски граѓани, така за својата генерацијата, која матурираше пред цели седум децении, во учебната 1948/1949 година, во таканаречената машка гимназија „Цветан Димов“ во Скопје, вели Ристо Ќортошев (89).
Тој е дипломиран историчар на уметноста, а работел како новинар во Радио Скопје и во весникот „Репортер“ на НИП „Нова Македонија“. Еден е од авторите на монографијата, која беше испечатена по повод 60-годишнината од матурирањето на неговата генерација.
Ќортошев се врати многу години назад, во времето кога е формирана гимназијата.
– Старата зграда на гимназијата „Цветан Димов“ (прва машка) е изградена при крајот на 19 век, на местото на сегашниот Градски трговски центар. Тоа било српско училиште во кое предавал и босанскиот книжевник Петар Кочиќ. Во октомври 1905 година, тука првпат била прикажана неговата пиеса „Јазовецот пред суд“, режирана од самиот автор. Интересно е дека професор по македонски во гимназијата беше познатиот македонски драмски писател Васил Иљовски – се сеќава Ќортошев.
Гимназијата излегувала на две улици, Мирче Ацев од исток и Ленинградска од запад, кадe што бил и главниот влез. Учениците учеле во две смени, а двете згради се затоплувале со печки на јаглен.
– Во гимназијата, освен наставата, се одвиваа и интензивни, воннаставни дејности, како и дополнителна настава за учениците што потешко ги совладуваа лекциите особено по математика, странски јазик и други предмети – вели тој.
Уште во гимназиските денови некои негови соученици пишувале поезија, проза, па и критики за разни културни настани.
– Своите способности тие ги покажуваа во училишниот весник, кој прерасна во сериозно гласило со име „Гимназијалец“, а почнавме да го издаваме во учебната 1946/47 година. Весникот престана да излегува дури во 1988 година. Во редакцијата најактивни беа: Матеја Матевски, Димитар Солев, Генади Болиновски, Борис Вишински, Цветко Мартиновски, Јоне Наридски (Јован Јованов), Георги Сталев и други. Благоја Стефановски, пак, беше фељтонист, а по матурата тој се истакна како текстописец на забавни мелодии. Најпознат му е текстот на композицијата „Чија си?“, песна што сѐ уште живее. Сите овие ученици подоцна станаа поети, прозаисти, драмски автори и книжевни критичари – вели гордо Ќортошев. Во 1948 година се преселиле во нова зграда, на три ката, на местото каде што сега се наоѓа Македонската академија на науките и уметностите.
– Таму и матуриравме, скоро сите. Тажни бевме кога по нас гимназијата ја претворија во студентски дом, па потоа се смести Високата педагошка школа и, на крајот, тука се формира четвртата гимназија, подоцна наречена „Раде Јовчевски-Корчагин“. По некоја година повторно селење и тоа далеку, во северниот дел на Топаана, во местото наречено Три Куќи. Објаснувањето на одговорните за овој чекор беше дека тоа се прави затоа што гимназијата го носи името на народниот херој Цветан Димов, а тој е од Чаир. Изградената модерна зграда на почетокот беше постојана цел на неодговорни граѓани, поради што властите со градежни машини до темел ги срамнија дивоградбите на ритчето – продолжи Ќортошев да ги евоцира спомените.
Оваа генерација го понела најголемиот товар во обновата и изградбата на градот.
– Скоро секоја недела имавме работни акции во или надвор од градот. Тие почнаа уште при крајот на 1944 г. Тогаш Скопје беше во криза за дрва и огрев и беше организирана акција за сечење дрва Скопска Црна Гора во месноста Рамно. Една ноќ, во една од бараките избувна пожар и се случи трагедија, двајца наши соученици изгореа! Потоа следуваа еднодневни акции – расчистување на дворот на „Хромовите пералници“ во Ѓорче Петров, на железничката ложилница, каде што пак имавме незгода – две наши соученички од гимназијата „Јосип Броз Тито“ (тогаш не учевме заедно, но соработувавме) пропаднаа во јама со пресна гасена вар, покриена со песок! Есента и пролетта следуваа пошумувања на Водно и ридот преку Вардар, спроти Градската плажа. Бевме ангажирани и на коригирање на кривината на Вардар кај селото Лисиче. Надвор од Скопје, учествувавме масовно на сојузните младински работни акции: Брчко – Бановиќ, Шамац – Сараево, автопатот Загреб – Белград и други. Секаде бевме дел и од вонработните дејности, особено во спортот, каде што на меѓународни натпревари наши соученици освојуваа први места, поставувајќи рекорди на југословенско ниво – ни рече Ќортошев.
По матурата во 1949 година, скоро сите ученици се запишале на факултет, но на повеќето не им се остварила желбата да го студираат она што го сакаат.
– Министерството за просвета нѐ распореди таму каде што има потреба. А ние, како и дотогаш послушни, исполнителни и дисциплинирани ги завршивме студиите, а потоа се вработивме и по завршувањето на приправничкиот стаж почнавме да ги заземаме раководните места во разни сфери на стопанството, науката, културата, просветата…
Стекнавме и понекоја академска докторска и професорска титула. Многу наши соученици станаа врвни раководители во радиото, телевизијата, на факултетите, театрите, на познати стопански и други видови работни организации и никаде не се посрамотија. Напротив, за својот труд станаа носители на локални, републички, сојузни и меѓународни награди и признанија. Книжевниците ги печатеа своите дела и во другите југословенски републики, но и во странство. Тука ќе ги набројам нашите соученици што отидоа малку понапред од другите: Матеја Матевски и Георги Старделов, кои станаа академици, Георги Стале Поповски беше министер за култура, Никола Христов стана министер за здравство, а беше и основоположник на спортската медицина кај нас. Петар Анастасовски беше министер за стопанство. Имавме и двајца стручњаци по атомистика, кои работеа во атомскиот центар „Винча“, кај Белград: Божидар Аничин и Петар Анастасовски… Ристо Стефановски, пак, е еден од најуспешните директори на Драмскиот театар и хроничар на театарската дејност во Македонија… – посочи Ќортошев.
Матурските средби се прославуваат со соученичките од гимназијата „Јосип Броз Тито“ (женска гимназија), иако од петти клас до матурата не учеле заедно.
– Така и оваа година, во мај прославивме 70 години од матурата. Некои дојдоа со бастун или со патерици, придружувани од своите најблиски. Бевме толку колку што останавме, но како што велам и во песната што ја напишав за мојата генерација, јас по никоја цена не би го сменил она што го проживеав со моите соученици – ни рече Ристо Ќортошев, матурантот од првата генерација ученици на првата машка гимназија „Цветан Димов“ во Скопје.