Научниците од Универзитетот од Бирмингeм објавија дека откриле извонредно зачуван ембрион на диносаурус од пред најмалку 66 милиони години, кој се подготвувал да се изведе од јајцето слично како птица, пренесува „Гардијан“.
Фосилот откриен во Ганџоу, јужна Кина, припаѓал на теропод диносаурус без заби, или овирапторосаурус, кој истражувачите го нарекле „Бебе Јинглијанг“.
– Ова е еден од најдобро сочуваните ембриони на диносауруси што некогаш биле пронајдени – изјавил за „Франс Прес“ Фион Ваисум Ма, истражувач од Универзитетот во Бирмингем, кој е коавтор е на трудот објавен во списанието „ИСајанс“.
Ма и колегите ја пронашле главата на „бебето Јинглијанг“ свиткана под телото, а стапалата на двете страни завиткани назад – поза што досега не била забележана кај диносаурусите, но слична на модерните птици.
– Кај птиците, однесувањето е контролирано од централниот нервен систем и се нарекува „тукирање“. Пилињата кои се подготвуваат да се изведат, ја ставаат главата под десното крило за да ја стабилизираат додека ја кршат лушпата со клунот. Ембрионите кои не успеваат добро да се постават се соочуваат со поголем ризик за смрт од неуспешно испилување. Ова покажува дека таквото однесување кај современите птици еволуирало и потекнува од нивните предци диносаурусите – вели Ма.
„Бебето Јинглијанг“ било долго околу 27 сантиметри од глава до опашка и лежело во јајце долго 17 сантиметри кое сега се наоѓа во Природонаучниот музеј „Јинглијанг Стоун“/
Истражувачите веруваат дека суштеството е старо помеѓу 66 и 72 милиони години и веројатно било зачувано од ненадеен одрон од кал што го закопал јајцето.
Тие претпоставуваат дека доколку јајцето би се испилило, диносаурусот би пораснал меѓу два до три метри, и веројатно би се хранел со растенија.
– Овој ембрион на диносаурус во неговото јајце е еден од најубавите фосили што некогаш сум ги видел. Овој мал пренатален диносаурус изгледа исто како бебе птица свиткано во своето јајце, што е уште повеќе доказ дека многу карактеристики вообичаени за денешните птици првпат еволуирале кај нивните предци диносауруси – вели професорот Стив Брусат од Универзитетот во Единбург, кој бил дел од истражувачкиот тим.
Истражувачите се надеваат дека подетално ќе го проучат „бебето Јинглијанг“, користејќи напредни техники на скенирање за да го снимат целосниот скелет, вклучувајќи ги и коските на черепот.