Грдите и лоши спомени, од кои на некои луѓе им е тешко да се ослободат, претставуваат голем товар и кочница кога сакаат да продолжат со животот.
Лошите спомени мачат многумина, а кај некои доведуваат до сериозни нарушувања. Научниците сега се на чекор до сознанието дали таквите спомени можат да се променат или дури и целосно да се избришат.
Процедурите што ги користат психијатрите за индиректно активирање на трауматичните епизоди кај пациентите можат да бидат „прозорец“ низ кој лошите и грди спомени можат да се променат или дури и целосно да се избришат, покажува научно истражување предводено од истражувачи од универзитетот во Тексас АМ.
На пример, од воените ветерани што страдаат од посттрауматично стресно нарушување (ПТСН) може да биде побарано за време на терапијата да се потсетат на специјалните надворешни стимули, како што се блесоци на светлина или силни звуци, кои се поврзани и ја активираат меморијата на траумата.
Идејата за овој метод е да предизвика меморија без да му се нанесе дополнително страдање на пациентот, за да се ублажат реакциите на стравот преку терапиите со изложеност.
– Главниот предизвик е дека кога се вршат слични процедури, меморијата за оригиналната траума не се брише. Таа е секогаш таму и може повторно да се појави, што предизвикува повторна манифестација на ПТСН и ги тера луѓето повторно да чувствуваат страв – вели Стивен Марен, професор по психологија и неврологија на универзитет во Тексас АМ.
За да ја изменат, па дури и да ја елиминираат трауматичната меморија, научниците користеле постапка за условување во која сигналот бил индиректно поврзан со трауматичниот настан. Кога истиот сигнал ќе се примени подоцна, тој индиректно ја активира меморијата на настанот и ја зголемува активноста во хипокампусот, делот од мозокот важен за меморијата, велат научниците.
Тие наведуваат дека повторно активирање на трауматичната меморија преку изложеност на индиректни предизвикувачи може да ја измени и олесни. Сега имаат намера да ја прошират својата студија за да може преку оваа техника целосно да се избрише.