Поуки од предизвикувачката 2020-та
Многу работи може да се кажат за 2020 година. На многу начини може да се опише оваа пандемична година. Нѐ научи многу, особено кога се во прашање животот и општеството, како и самите ние. Научивме дека самогрижата е приоритет, не привилегија. Ни го покажа вистинското лице на животот, на луѓето, дека слободата не е бесплатна и не треба да се сфаќа како здраво за готово, дека времето е ограничен ресурс и дека животот не штеди никого.
Само заедно сме посилни
Психолозите сметаат дека оваа година, иако беше опасна, бурна и неизвесна, сепак ни остави и некои добри поуки. Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека годинава ја потврдува поговорката „во секое добро има трошка зло и во секое зло има трошка добро“.
– Доволно е да погледнеме на злото како на лекција од животот, судбината, бога или кој во што верува. И од таа лекција да извлечеме поука, да видиме што сме научиле и како тоа што сме го научиле можеме да го вметнеме во нашите живот понатаму. Како извлечените поуки да ги примениме за подобрување на сопственото живеење, но и за понатамошно функционирање на целиот свет. Ако секој од нас го направи тоа, светот ќе се смени во некој правец што ќе биде поудобен за живеење за сите – вели Јовановска Стојановска.
Она што таа го гледа како голема поука е дека оваа пандемија, и покрај тоа што нѐ натера да се изолираме сите, ни покажа дека едни без други не можеме.
– Никој сам не може да е здрав или болен, никој сам не може да ја победи болеста и да гледа кон иднината. И кога треба да се изолираме, никој не е сам во тоа. Што ако поединецот се изолира ако другите не го прават тоа, што ако поединецот носи маска ако другите не го прават тоа. Да ја запреме оваа пандемија можеме само сите заедно. Луѓето се изморија од стравот од непознатото, од неизвесноста, од криењето, изолирањето, од маските, од негушкање, од небакнување, од недружење, од губење на најмилите и пријателите. Но едно сите ги поврзува – надеж дека утре ќе биде подобро – објаснува таа.
Штом сѐ уште се раѓаат деца, се прават свадби, се прават родендени, луѓето живеат во надеж на подобро утре.
– Се зајакнаа семејните врски. Во некои семејства и релации, под притисок на промените, скриените конфликти излегоа на виделина. Па, некои конфликти се расчистија, некои се продлабочија, но битно е дека излегоа од тињата што го труе здравјето – објаснува Мирјана.
Многу луѓе ја зголемија својата физичка активност, повеќе пешачат, трчаат, вежбаат, одат во природа.
– Многу повеќе ја запознавме нашата татковина. Луѓето се вратија во селата, на нивите, на ливадите, во горите. Ги поправија селските куќи, ги изораа лозјата. Како ќе излеземе од ова е неизвесно. Но едно е сигурно, ќе бидеме различни од оние што бевме пред почетокот на пандемијата. Ако мудро го користиме наученото и ги вметнеме поуките во планирање на животот, ќе си овозможиме поквалитетен живот – категорична е Јовановска Стојановска.
Повеќе наука, помалку политика
Софија Георгиевска, семејна советничка, вели дека живееме во време на ограничувања, но не сме несреќни.
– Нема голем сообраќај, нема вознемиреност, така што има многу помалку сообраќајни несреќи. Многу луѓе останаа без работа, но затоа некои креативци излегоа со нови интереси и ангажмани. Одеднаш сите сме многу свесни за хигиената, политичарите повеќе не се гости на телевизиските емисии, туку молекуларните биолози. И земјата дише. Коронавирусот ја дигитализира земјава побрзо од што било порано. Пазарите, продавниците, наставата, но и државната администрација се префрлија на интернет. Во јавниот простор доминира науката, а помалку политиката. Слушаме и учиме од епидемиолози, биолози, виролози. Во кризни ситуации, многу компании ги пренаменија своите деловни активности онлајн. Тоа значи повеќе време поминато со најблиските, пократки патувања, помалку автомобили на патот и, следствено, помалку загадување, плус подобра рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот – вели Софија.
Научниците велат дека ако можеме да примениме некои од еколошките лекции што ги учиме сега, дури и откако светот повторно ќе добие чувство на нормалност, можеби ќе се надеваме дека ќе избегнеме некои од најразорните влијанија на климатските промени.
– Коронавирусот го забави брзото општество и светот како да застана. Помалку патувања, помалку забава. Но, наместо да се затвориме во стаклено ѕвоно, се придвиживме. Најдовме нови рутини за фитнес. Читаме книги. Печеме леб. Садиме цвеќиња. Сето ова е одличен начин да се справиме со менталното здравје за време на пандемија – нѐ потсетува семејниот психолог.
Таа додава дека наше ќе биде да се промениме себеси и нашиот систем да продолжиме со позитивното влијание врз животната средина, мирот, поврзаноста, иновативноста, корпоративната одговорност, образованието и благодарноста.
– Оваа криза ќе заврши, но ние ќе останеме тука. Можеме да го сториме тоа како подобри човечки суштества – подвлекува Георгиевска.